Зошто е важна дигитализацијата на локално ниво и како да се постигне ефикасна трансформација кон е-општини се главните теми кои ги разработува Прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини“ во издание на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“.
Автори на „Прирачникот за дигитална трансформација кон е-општини“ се Бојан Кордалов и Тоше Зафиров, а уредник е Ивајло Цонев. Тие истакнуваат дека нивната цел е да дадат конкретен иницијален придонес во надминувањето на јазот што постои помеѓу волјата за имплементација на дигитални решенија и немањето доволно финансиски и кадровски потенцијали за нивна примена на локално ниво.
„Дигиталната трансформација гарантира транспарентност, инклузивност и отвореност, на тој начин исполнувајќи ги предусловите за добро и ефикасно управување. За работата на општините и јавната администрација, граѓаните мора да бидат информирани, што е предуслов за поттикнување на нивно учеството во креирањето и спроведувањето политики на локално, а секако и на пошироко национално и глобално ниво“, велат од ИДУЕП.
На издавањето на Прирачникот му претходеше серија на јавни дебати и конференции на кои се разговараше за актуелната состојба и перспективите на дигитална трансформација на општините. На настаните учествуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, министерот за е-Влада и дигитализација на Република Бугарија, Божидар Божанов, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, пратеници, градоначалници, како и домашни и меѓународни експерти и претставници на граѓанскиот сектор.
Прирачникот е достапен електронски на македонски и албански јазик, како и преку кратко резиме на англиски јазик на следниот ЛИНК.