Објавен распоредот на настапувачи за вечерашниот „Таксират“

Во Скопје вечерва (7 декември, четврток) се одржува главната вечер на фестивалот „Таксират“, а токму со овој настан и официјално ќе биде затворено јубилејното 25-то издание на најмасовниот македонски алтернативен музички фестивал.

Во финалниот настан на „Таксират“ кој ќе се одржува во Арената „Борис Трајковски“, публиката ќе има прилика да следи повеќе од 10 концерти и настапи кои паралелно ќе се одвиваат на три бини, а на кои ќе се претстават скоро 20 музички изведувачи.

„Главната вечер годинава ги собира „Таксират“ резидентите, имињата потпишани зад најмасовните концерти, артистите кои дефинираа жанрови, но и станаа белег на ‘Таксират’ или уште поважно, музичката екипа која во моменти одигра значајна улога во опстојувањето на фестивалот“, соопштуваат од „Пасворд Продукција“.

Покрај нив, велат тие, скопската Арена „Борис Трајковски“ вечерва е збирно место и на новата генерација, актуелниот бунтовен звук, но и светската алтернативна, транскултурна електронска сцена. Во листата со изведувачи се: македонскиот музички уметник Кирил Џајковски, „Даб Ефекс“ од Австралија, „Ејсид Араб“ од Франција, но и регионален состав „Дубиоза Колектив“, како и „С.А.Р.С.“, Страјк, „Смат“, „Лет 3“ и други.

Влезот за посетителите ќе биде отвроен во 19:30 часот, a почетокот на програмата е во 20:30 часот.

Распоред на настапи:  

ГЛАВНА БИНА:
20:30 SMUT
21:30 LET 3
22:35 STRAJK feat. Goce SAF, LD Pistolero, R.O.N.I.N.
23:40 SARS
00:50 DUBIOZA KOLEKTIV
02:00 KIRIL DZAJKOVSKI feat. TK Wonder & Rootsman I

SMOOTH GROOVE STAGE:
21:00 SMOKE MARDELJANO
22:05 MIMI MERCEDEZ
23:10 ACID ARAB (DJ set)
01:10 DUB FX
SILENT DISCO:
22:00 M.I.K., Luka Kekikj, Coy Coor