Издавачката куќа „Готен“ го објави романот за тинејџери „Прегрни ме цврсто“ од шпанскиот авторски пар Лоф Ју, со превод на Марија Саревска-Тодоровска.
Од „Готен“ велат дека „Прегрни ме цврсто“ е роман за тинејџери во кој преку потрагата за љубов на неколку млади луѓе се открива светот на тинејџерите исполнет со многу емоции, страсти, но и наивност и незнаење за животот.
„Оваа ведра љубовна приказна се случува меѓу тинејџери и користи слична матрица на познатите тинејџерски серии и филмови, но разликата во ‘Прегрни ме цврсто’ е во тоа што авторите ставаат силен акцент на јазикот во романот, ликовите се комплексно доловени, а разврската на книгата е необична. Романот ‘Прегрни ме цврсто’ е посветен на флуидната љубов, онаа која во својот предзнак ја љубовта, но истовремено говори и за насилната страст, за недоличноста во изразувањето на љубовта, за непочитувањето кога станува збор за емотивниот комплекс на другиот. Автори низ приказната опфаќаат добар дел од љубовни констелации во кои се наоѓаат денешните тинејџери“, велат од „Готен“.
„Лоф Ју мајсторски раскажувајќи ја оваа приказна градат и извонредна галерија на различни прототипови, а љубовта ја прикажуваат во нејзините различни форми. Приказната тече со многу динамично темпо отворајќи низа дилеми, прашања и нејаснотии поврзани со емотивниот живот на младите луѓе, но сижето на романот и ликовите и читателите можат да добијат многу одговори за прашањата што ги имаат во врска со младешката љубов“, додаваат од „Готен“.
Инаку, Лоф Ју е псевдоним на двајца млади автори од Шпанија, Адриа Фонт и Инма Суст. Фонт е актер и драматург, додека Суст е новинарка.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.