Младинската организација „Млади од семејна разновидност“ информира дека е достапна Брошурата за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства.
„Со огромна мотивација и љубов ја креиравме оваа брошура со желба да помогнеме, покренеме свесност и да ги едуцираме младите од вакви типови на семејства кои се нивните права на социјална заштита, образование, но и да дадеме простор на останатите граѓански организации коишто даваат бесплатна правна и психолошка помош, да ги споделат своите услуги“, велат од младинското здружение.
Автори и уредници на брошурата се Станиша Станковиќ и Елена Божиновска, а графичкото обликување е на Марио Стефановски. Брошурата е достапна и на албански јазик во превод на Вјоса Таипи.
Брошурата, како што велат од организацијата, произлегла од спроведените работилниците „Младински политики за младинско учество“.
„Во текот на работилниците, имавме прилика да запознаеме многу млади луѓе со семејна разновидност, но и оние од традиционални семејства кои сакаа да научат нешто повеќе, па да им пренесат на своите врсници, родители, роднини, но и претставниците на здруженија и фондации“, споделуваат оттаму.
Во неа се опфатени темите за социјални услуги и заштита, образование, бесплатна правна помош, бесплатна психолошка помош, а наведени се и други поважни информации и контакти.
Брошурата на македонски и албански јазик е достапна на овој линк.