Објавена книга „Жени во македонската книжевност од XIX век“

Неодамна, во издание на Институтот за македонска литература е објавена книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“ од д-р Славчо Ковилоски.

Книгата, како што велат од Институтот, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознатите или малку познати македонски жени со кои започнал развојот на македонското женско творештво („женско писмо“).

„На таков начин, се надминува сликата за немоста на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони“, пишува д-р Ковиловски.

Во книгата се дадени биографиите и се анализирани делата на Славка Динкова, Митра Миладинова, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Јанка Каневчева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова и Олга Маџарова.

Исто така, накратко е даден осврт и кон записите, говорите и пеењата на монахињата Параскева, ученичката Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Како посебни прилози на крајот од книгата, за првпат се изнесени делови од нивните творештва, со цел од прва рака читателите да се запознаат со нивните идеи и стил на пишување. Книгата содржи повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. Сите понудени дела се преведени или адаптирани според правилата на стандардниот македонски јазик. На крајот на книгата се дадени прилози во вид на фотографии на авторките и факсимили од нивните објави и ракописи.

„За нас е мошне значаен подвигот на Митра Миладинова, сопругата на Димитрија Миладинов, која заедно со ќерката Царевна Миладинова успеале да го зачуваат споменот за браќата Миладиновци; понатаму, Јанка Каневчева, љубовта на Гоце Делчев, се осмелила да пишува за ‘македонското прашање и феминизмот’, потенцирајќи ја борбата, на како што самата пишува: ‘македонскиот народ’; Евтимица Јанчева жестоко полемизирала со двајца нејзини колеги бранејќи ги правата на жените; Марија Зрнева во една наративна дописка опишала пожар во Воден; особено важно е откритието на младата ученичка Анастасија Милошова, чии ракописи се пронајдени неодамна и од која произлегуваат првата регистрирана запишана песна и првата пиеса на народен македонски јазик“, се вели во описот за книгата.

Освен биографиите на авторките и нивните дела, во книгата се разгледуваат почетоците на македонското женско творештво (женско писмо), појавата на женското образование, омилените книги на тогашната женска читателска публика и првите македонски женски просветни и книжевни друштва.

Според рецензентот проф. д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, оваа книга, како една од ретките монографии посветени на македонското женско писмо „претставува незаобиколна литература за натамошните истражувања што би се однесувале на областа на културната историја на Македонија и потесната дисциплина – македонската литературна историја“.

Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од XIX век и е добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“.