Професорот од Шумарскиот факултет Кирил Сотировски и негов студент, во рамките на своја дипломска работа, изработија мапа на која лоцираат над 400 зацементирани дрвја низ Скопје. Мапата од денеска е јавно достапна на интернет.
На неа се лоцирани сите стебла кои се заобиколени со цврсти материјали (бетон, плочки, асфалт, цемент, метал, др.) во зоната на кореновиот врат, или во ретки случаи и повисоко.
„Стеблата означени со црвени икони се најзагрозени, и се веќе во допир со околниот материјал (помалку или повеќе), што значи не им преостанува многу време за живот доколку не бидат „ослободени“ (прашање на години, во некои случаи и на месеци). Ослободувањето треба да го прават надлежните служби на Град Скопје, и на скопските општини, со отстранување на материјалите и со соодветна обработка на површината и на околниот материјал“, порачува професорот Сотировски.
За Радио МОФ, професорот појаснува дека мапата е во фаза на доработка, па очекува бројката на зацементирани дрвја набрзо да стигне до 500.
„Се надевам дека јавниот притисок и личните врски на некои од загрижените граѓани, ќе ги стават во погон службите во Скопје надлежни за решавање на оваа состојба. Најголемиот број стебла се во возраст и се веќе големи, и се избориле со и без тоа лоши услови низ годините, да преживеат. Тие се практично незаменливи, бесценети, и евентуална неагилност од надлежните под изговор дека ќе се засадат нови е избегнување одговорност, мрзеливост, некомпетентност. За жал младите (нови) стебла во Скопје многу често се садат каде што не им е место, веројатно и заради тоа што не останаа премногу отворени површини за вистинско садење, или и таквите се веќе „капарисани“ за градежната братија, па е полесно да пројде градба доколку нема зеленило“, истакнува професорот.
Мапата може да се види на овој ЛИНК.