Петтото издание на „Скопскиот поетски фестивал“ ќе се одржи периодот 24 до 26 април на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“ и Галерија), во кафе-книжарницата „Буква“ и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Ќе гостуваат поети, од пет држави, а ќе настапат и триесетина домашни поети. Од странство доаѓаат автори од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија и од Бугарија.
„Мотото на годинешниот фестивал е „Од ритам до алгоритам“ („Поезијата е ритам ‒ од срцата в гради до пулсот на градот. / Јазикот е алгоритам ‒ со кодови го храни за смислата гладот“). Со ова мото сакаме да го одбележиме нашиот мал јубилеј ‒ 5 години СПФ, но и да го поврземе со големиот јубилеј 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Автор на постерот е Андреј Павлов“, соопштуваат од фестивалот.
Од таму посочуваат дека официјалното отворање е закажано за 24 април во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и во деновите што следуваат ќе се одржат неколку поетски читања, поетско-музички перформанси, промоции на книги, изложба на парфеми, а ќе се одржи и мастерклас/работилница за креативно пишување поезија.
Како преднастан на фестивалот и оваа година во кафе-книжарницата „Буква“, вечер (12 април) од 20 часот, ќе се одржи настанот за млади поети „Отскочна даска #4“, на кој ќе настапат единаесетмина млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и Традуки, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, „ПНВ Публикации“ и хотел „Цара 1928“. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Умно, Кајгана и Култура Бета.
Во прилог е програмата во целост:
Преднастан
12.04 | кафе-книжарница „Буква“
⤿ 20:00 >> „Отскочна даска #4“ – преднастан на 5. СПФ
Учесници: млади поети на возраст од 16 до 25 години: Брајковска Елеонора, Василева Сања, Мицковски Васја, Неделковска Милена, Постоловски Дарио, Симоновски Борис, Спасовска Бојана, Среткоска Даница, Тасевски Теодор, Трендафилова Дарија и Шапкарова Ана.
Официјална програма
24.04 | Младински културен центар ‒ Скопје
⤿ 18:30 | Кино „Фросина“ >> НАД НЕБОТО, ПОД ЗЕМЈАТА: перформанс/ритуал/поезија/музика
Настап на поетот Алеш Штегер и музичарот Јуре Тори (хармоника) од Словенија со кој ќе ја промовираат стихозбирката „Над небото, под земјата“ од Алеш Штеґер, препеана од словенечки на македонски од Драгана Евтимова, издание на „Перун Артис“, Битола.
⤿ 19:30 | Галерија на МКЦ >> МИРИСОТ НА ЗБОРОВИТЕ: Отворање на изложба на парфеми дизајнирани од Нихат Оздал (Турција)
Ако зборовите имаа свој мирис, како ќе мирисаше мракот, осаменоста, далечината… Ако ни беа дадени мириси наместо пенкало и хартија, како ли ќе пишувавме поезија со нив? Оваа изложба го истражува токму тоа прашање.
⤿ 20:00 | Кино „Фросина“ >> ОД РИТАМ ДО АЛГОРИТАМ: официјално отворање на 5. СПФ
Учесници: Аксинија Михајлова (Бугарија), Алеш Штегер (Словенија), Нихат Оздал (Турција), Весна Ацевска, Никола Маџиров, Шаип Емерлаху, Гордана Михаилова Бошнакоска и младиот поет/поетеса што ќе биде избран на „Отскочна даска #4“
⤿ 21:30 | Кино „Фросина“ >> ПОЕТРОНИКА
Поетроника е суптилен и културолошки значаен проект настанат како резултат на интензивната соработка на двајца исклучително квалитетни мултимедијални уметници, Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто спојува иновативен начин на интерпретација на македонска поезија со извонредна, автентична и авангардна музика.
25.04 | Повеќе локации:
⤿ 11:00 | Филолошки факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје (Сала за седници)
>> МАСТЕРКЛАС СО ЗВОНКО КАРАНОВИЌ (Србија)
Работилница за креативно пишување поезија. Настанот е отворен за сите средношколци, студенти или повозрасни, што сакаат да присуствуваат. Задолжителнa пријава на: contact@spf.mk
⤿ 18:30 | ПОЕТОТ Е ПРИСУТЕН: настан од затворен тип на кој ќе читаат дел од поетите гости на фестивалот пред малубројна публика што ќе се избере по повик)
⤿ 20:00 | Кино „Фросина“ >> ОД РИТАМ ДО АЛГОРИТАМ #2
Учесници: Антонис Скиатас (Грција), Звонко Карановиќ (Србија), Сузана Мицева, Исток Улчар, Ненад Јолдески, Сашо Огненовски, Марина Мијаковска и Филипа Сара Попова.
26.04 | кафе-книжарница „Буква“
⤿ 19:00 >> Промоција на стихозбирката „Раст е ние“ од Исток Ј. Улчар, издание на „Илика“, Скопје.
⤿ 20:00 >> THE VERSE CITY/DIVERSITY („Диверсити“): поетско читање
Учесници: Аксинија Михајлова (Бугарија), Нихат Оздал (Турција), Антонис Скиатас (Грција), Звонко Карановиќ (Србија), Љубица Шопова, Стефан Спасовски, Милена Сиљаноска, Гала Матевска, Калиа Димитрова, Јулијана Величковска и Андреј Ал-Асади.