Интерактивниот мултимедијален настан „Во(н) јавниот простор“ ќе се одржи утре (1 јуни, сабота) во дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје со почеток од 18 часот.
Целта на настанот е да поттикне размислување за потенцијалите кои ги носат напуштените и заборавени објекти. Исто така, да понуди можност за заедничко размислување за тоа како јавните простори наменети за поголема група на луѓе како што се студентските домови може да добијат нова, пофункционална, економски неоптовораена и критичка димензија.
„Еден таков објект се наоѓа токму во непосредна близина на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, а уште многу од нив се распространети низ повеќето скопски општини. Овие објекти, со многу малку труд, би можеле да се претворат во центри за култура, уметност, креативност, забава и рекреација за младите“, велат од Здружението за едукативен развој – Еквалис кои се организатори на настанот.
Планирана е дискусија во која ќе се даде видливост на веќе креирани идејни архитектонски решенија за похумани младински простори.
„Критички да ги разгледаме просторите кои се оставени да стојат и пропаѓаат поради разни легалистички замки, нo и поради институционална негрижа, како и да понудиме можна визија за нивно реобмислување и пренамена. Во центарот на ваквото визионирање се потребите на граѓан(к)ите неусловени од нивниот економски статус, потенцијалот на овие простори да бидат збиралишта на граѓан(к)и што критички ќе гледаат кон и ќе го менуваат градот, но воедно и простори за експериментирање и воведување на нови, похумани архитектноски решенија“, велат од „Еквалис“.
Говорници на дискусијата ќе бидат:
• Катерина Пановска- архитектка и дел од тимот на идејното решние Urban Snake за ревитализација на дворот на студентскиот дом Гоце Делчев
• Озбек Ајваз- уметник ќе зборува за сопствената перцепција за јавниот простор, со фокус на неговите скулптури од бактерии низ Скопје, со што се стреми да ја крене свеста за неопходноста од јавни тоалети во град
• Гога Поп Георгиевски – активист за ослободување на јавниот простор; и тој ќе зборува за напуштените објекти и потенцијалните решенија за нив, со фокус на недоградениот објект во близина на Државниот студентски дом „Гоце Делчев“.
Во рамките на програмата ќе биде промовиран и фанзинот „Гитла“ на Алекс Шалевиќ и Галена Јованоска и ќе биде отворена изложба на фотографии на Алекс Шалевиќ и Галена Јованоска, од напуштени објекти во различни скопски општини. Истите објекти ќе бидат претставени и на интерактивната мапа од Скопје, врз која посетителите на настанот ќе можат да внесат свои идеи и визии за потенцијалната иднина на објектите од фотографиите.
Едукативниот културен центар „Лабараториум“ ќе има свое лаб-катче. Дечките зад оваа иницијатива ќе ја презентираат нивната идеја и реализација за тоа како го претворија индустрискиот простор во култрен центар.
На настанот ќе бидат присутни Партизанска штампа кои со сито печат метод ќе го испечатат изгледот на архитектурата на напуштениот објект позади студентскиот дом, а за тоа треба да се понесе еднобојна маица.
Вечерта ќе заврши со музика и дружба во дворот на студентскиот дом, а музичката програма ќе се погрижат Јоана Ристеска, Стражар (Мартин Џорлев) и Иво Николовски.
„Во(н) јавниот простор“ се случува во организација на Галена Јованоска и Александар Шалевиќ, како дел од програмата „Акции за заедницата: Мобилизирање на граѓан(к)ите за локални решенија“ организиран од Здружението за едукативен развој Еквалис, а поддржан од Националниот фонд за демократија (NED).