Заокружена е програмата за третото издание на настанот „Get EXITed“ во организација на фестивалот „Егзит“ во Струмица.
Оваа година, програмата за третото издание кое ќе се одржи на 6 септември во Големиот парк во Струмица ќе го предводи дуото „Ејџентс оф тајм“, динамичното електро трио Медуза, диџеј ѕвездата во подем Лајла Бенитез, иконата на балканската музичка трап сцена Сенида, како и 2Бона, Јанг Деди, Зи, Матеј Фолц, диџеј Попеј и диџеј Бонев и Дивизија од локалната рап, трап и хип-хоп сцена.
„Остануваат уште само седум дена до долгоочекуваната забава, а возбудата расте! Се очекува Струмица да стане епицентар на незаборавна забава, додека фановите се подготвуваат за ноќ исполнета со врвна музика и енергија донесени од некои од најбараните изведувачи на светската и регионалната сцена“, велат од „Егзит“.
Настанот кој е замислен како еднодневен музички спектакл во соработка помеѓу фестивалот „Егзит“ и Општина Струмица, досега имаше можност да биде домаќин на некои од најголемите имиња на светската и регионалната сцена, како што се легендарните Џон Њуман, Бурак Јетер, Дебора де Лука, Махмут Орхан, Констракта, Ван Гог, Лана и други.
Влезот на настанот е бесплатен.