Објавени добитниците на наградите за професионално известување за бегалците и лицата без државјанство

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во соработка со Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ и Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Северна Македонија ги објави добитниците на трите награди за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство за 2021 година.

Првата награда ја освои новинарката Соња Делевска за написот „Почина 19-годишното момче што државата го остави без извод и здравствена книшка, единствен доказ дека постоел се петките во свидетелствата” објавен во медиумот Сакам да кажам.

Новинарката Валентина Вурмо ја доби втората награда за написот „ЖИВОТ ВО КАФЕЗ -Државата не го брои Судахан во живите, но го „оживеа“ само кога требало да го пикне зад решетки!” кој беше објавен на медиумот Фокус.

Третата награда пак ја освои новинарот Дарко Штаргоски за мултимедијалниот производ објавен во медиумот Инфо Компас „За добивањето на државјанство во Македонија чекаат и по 15 години – скратени им се огромен број права”.

Јавниот повик за наградите беше објавен на 20 јуни – Светскиот ден на бегалците, а прилозите требаше да припаѓаат во категориите напис или серија написи, фотографија или мултимедијален производ.