Фото-кино клубот „Козјак” – Куманово ги објави петте филма одбрани од стручното жири кои ќе бидат во официјалната селекција за Третиот меѓународен фестивал за краток филм „Филмај 2021“ – Куманово.
Жирито се одлучило за филмовите „Nimic“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос, потоа филмот „When I dance, the Earth trembles“, од режисерот Ото Лазиќ Рејшел, филмот „Good thanks, you“ од режисерката Моли Менинг Вокер, филмот „Bonobo“ од Зоел Ешбахер и филмот „Silence of the river“ од Франческа Канепа.
На почетокот на мај од филмскиот фестивал беше соопштено дека трочленото жири составено од режисерката и сценаристка Лидија Мојсовска, кинематографот Наум Доксевски и фотографот Дејан Ангеловски одлучило наградени да бидат иранскиот филм „The Visit“ со наградата „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија, филмот од Гана „Da Yie“ кој ќе ја понесе наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија и кинематографија, а иранскиот филм „Witness“ ќе ја понесе наградата „Козјак“ за најдобро сценарио, додека пак наградата за најдобар домашен филм ќе ја понесе филмот „Неонски срца“.
Организаторите известуваат дека фестивалската вечер е планирана да се случи во септември 2021.
„Одлуката за поместување на фестивалот од месец мај за во месец септември беше поттикната од желбата за оддржување во подобри здравствени и безбедносни услови, како и од страствената волја на организаторот да овозможи целосно фестивалско искуство, со публика физички присутна во проекционата сала“, се вели во соопштението на „Филмај“.