Објавени конечните резултати од Годишните конкурси за поддршка на проекти од културата за 2019

Министерството за култура на својата веб-страница ги објави финалните резултати од годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

Нив им претходеа жестоки критики од повеќе културни работници кои не се согласуваат со првичната распределба на средствата за култура, поради што одбиените пријави беа ставени на повторно разгледување.

Па така, во последните резултати на листата на пријави со одобрени средства се најдоа одбиените Скопски џез фестивал, кој сега доби 3 милиони денари од побарани 7 милиони 775 илјади денари. Потоа, средства доби и Офф фест со 1 милион денари од побарани 6. Младинскиот културен центар, пак, ќе добие 150 илјади денари, од побарани 480 илјади денари за фестивалот „Здраво млади“. „Радиото 103“ добива 60 илјади денари, од побарани 977.850 денари за фестивалот „103 генерации“, а „Пасворд продукција“ за  „Д фестивал“ добива 1 милион денари, од побарани 6 милиони денари.

Културниот центар „Интерарт“ доби 1 милион и 500 илјади денари, од побарани 6 милиони, за организирање на 15-то јубилејно издание на „Танц фест Скопје“, а „Интерфест“ од Битола доби 1 милион и 300 денари, од побарани 3 милиони и 100 илјади денари.

Претходно, Министерството соопшти дека средства ќе добие и детскиот фестивал „Златно славејче“.

Од издавачката дејност, жестока реакција дојде од издавачката куќа „Или-или“ од каде се пријавиле со 10 книги. Во најновите резултати тие се појавуваат со 9 одобрени книги.

„Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, по добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето. Министерството за култура ќе склучи договор за финансирање проект од национален интерес во културата со субјектите кои се носители на прифатените проекти“, информираат од Министерството.

Оттаму ги повикуваат културните работници да дадат свој придонес во изготвувањето на нов современ закон за култура со цел да се избегнат недоразбирањата или недостатоците при јавните конкурси, како и начинот на бодувањето и моделите на финансирање на проектите во културата.

„До донесување на новиот закон, Министерството за култура со иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ во чиј состав се повеќе невладини здруженија од областа на културата, формираа работна група која ќе работи на измени и дополнувања на актуелниот закон во делот на моделите за финансирање и на критериумите за оценување“, велат од министерството.

Целата листа со одобрени проекти од национален интерес во културата за 2019 година може да ја погледнете на следниот ЛИНК.