Покрај веќе најавените ѕвезди од светската денс сцена, Mark Knight – авторот на некои од најголемите хитови во последните 10 години, и Sunnery James & Ryan Marciano – холандската денс атракција, ви претставуваме дел од програмата на Аква Парк Фест посветен на домашните музички имиња и бендови кои веќе се докажаа како омилени и најпосакувани артисти кај публика.
Овој дел од програмата почнува со бендот кој и официјално го освои признанието за најдобриот одржан концерт во 2012 – СУПЕРХИКС. Шестчлениот фуриозен состав Суперхикс е изборот за вжештување на фестивалската атмосфера, а пред публиката на Аква Парк Фест бендот ќе го претстави и материјалот од последното студиско остварување „Африка“ (достапен за бесплатно преземање преку www.mtvadria.com).
Покрај Хикси, од македонските музички б(р)ендови, на Аква Парк Фест ќе настапи и битолскиот состав ФОЛТИН. „Фолтин“ работи од 1997 година и има настапувано на многу музички и театарски фестивали во Македонија, низ целиот Балкан, но и Италија, Австралија, Белгија, Унгарија, Германија, Англија, Либија итн. Започнувајќи како џез група и постојано менувајќи се во текот на 16 години постоење, „Фолтин“ се наметна како бенд чиј стил речиси и да не може да се класифицира во конкретен музички правец. Играјќи си со различни жанровски пристапи, преку џез, џипси, поп, рок, ворлд мјузик, електро, овој бенд со својот специфичен и препознатлив звук стана омилен на македонската публика и бенд со кој неизбежна е одличната забава.
Од Скопје, преку Битола, музичката програма на Аква Парк Фест ќе продолжи претставувајќи ни го и еден од најдобрите бендови од Тетово, реге-даб колективот„CONQUERING LION. Бендот е основан во 2007 година, а првиот албум насловен „I“ го објави две години подоцна. Досега, покрај настапите низ Македонија, тие имаат свирено во Германија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Косово, Бугарија и Грција. Второто студиско издание „Know your wisdom“ го објавија во 2011, по што Conquering Lion заминаа на 30-дневна турнеја. Во декември 2012 групата го претстави официјалниот видео запис за песната „Fire“, која беше објавена како сингл од вториот албум. Во моментов групата работи на подготовките за нивниот трет албум и со полна пареа продолжуваат кон нови хоризонти, а еден од нив е сцената на Аква Парк Фест за која најавуваат незаборавен перформанс.
Првото издание на Аква Парк Фест ќе се одржи на 24 и 25 мај во Пробиштип. За време на овие два дена на фестивалот ќе се претстават повеќе домашни, регионални и светски музички ѕвезди, а фестивалот покрај музичката програма, ќе понуди и бројни забавни активности во рамки на дневната програма на фестивалот.
Влезниците за Аква Парк Фест ќе бидат достапни во продажба од 16 април, по промотивна цена од 700 денари за фестивалска влезница и 400 денари за дневна влезница, во кои е вклучен бесплатен камп простор на фестивалот и бесплатна влезница на Аква Паркот и користење на сите водени атракции кои тој ги нуди. Промотивните билети ќе се продаваат во ограничен број.