Во текот на вчерашниот ден објавени беа номинираните млади лица кои имаат можност да ја добијат Наградата за младинско учество, која ја доделува Агенцијата за млади и спорт (АМС) во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Пошироката јавност може да гласа за номинираните млади во повеќе категории и тоа индивидуална категорија (млади на возраст 15-29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку 3 членови) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации.
Организаторите нагласуваат дека наградата има за цел да го препознае и испочитува трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.
Овојпат во индивидуалната категорија се номинирани Горазд Китановски, Изабела Јакимова, Лука Павиќевиќ, Марија Бургиева и Станиша Станковиќ.
Во категоријата неформални групи номинирани се GEN-W, ODAS, One Can Youth (Младите на Една може), PERIOD Скопје и TAKAT.
Во категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации номинирани се Гоу Грин, Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и Здружение за општествена акција, едукација и превентива (ЕАСП).
Повеќе информации за номинираните кандидати се достапни тука
„Наградата за младинско учество препознава иницијативи на млади, неформални групи на млади и младински организации, организации за млади и чадор младински организации кои покажуваат јасна визија за подобрување на заедницата кои се системски и одржливи во решавањето на приоритетните општествени прашања; исклучителна креативност, иновативност и лидерство во дефинирањето и решавањето на општествени прашања; и носат мерливи резултати во подобрувањето на заедницата или благосостојбата на општеството преку активностите на номинираниот“, велат од АМС и НМСМ.
Гласањето официјално ќе заврши во вторник, на 2 август.