Иако за влез од Северна Македонија во Србија не е потребен никаков вид на дополнителни документи освен документот за лична идентификација, за влез на „Егзит“ сепак ќе биде потребен доказ за вакцинација или негативен антигенски тест.
Организаторите на фестивалот преку официјалните веб-страници ги објавија процедурите за влез на посетителите на овогодишното издание на фестивалот. Според предвидените протоколи, влезот на Петроварадинската тврдината од 8 до 11 јули за сите посетители ќе биде ограничен на неколку начини.
„Четиридневната влезница треба да се замени за фестивалска нараквица. За оваа цел, посетителите од Македонија на заменските места треба да покажат сертификат за целосна вакцинација или потврда дека прележале Ковид-19, или испечатен Дигитален зелен сертификат (доколку се вакцинирале во Србија)“, соопштуваат од „Егзит“.
За оние кои купиле влезница а не се вакцинирани, фестивалот ќе овозможува бесплатен брз антигенски тест.
„За пристап до тестирањето потребно е да ја покажете валидната четиридневна влезница и личниот документ. Тестирањето ќе се врши во Хала 1 на Новосадскиот саем од среда 7-ми до недела 11-ти јули од 10:00 до 18:00 часот. Доколку резултатот е негативен, на истото место се презема и фестивалската нараквица“, се вели во соопштението од фестивалот.
Доколку некој од посетителите не стигне на бесплатно тестирање на Саемот или има влезница за „Егзит“ добиена на наградна игра, за нив фестивалот, во соработка со лабораториите „Аквалаб“ (Aqualab) и „Медлаб“ (Medlab), има договорено тестирање по повластени цени. Списокот со адреси и работно време на овие лаборатории се наоѓа на вебсајтот на „Егзит“. Оттаму напоменуваат дека валидни се единствено резултатите на антигенскиот тест кој е направен во наведените лаборатории.
„Егзит“ фестивал обезбеди три локации во Нови Сад на кои посетителите ќе можат да ги заменат четиридневните влезници за фестивалски нараквици. Заменските места ќе се наоѓаат на Плоштадот на слободата од понеделник 5 јули до четврток 8 јули, потоа пред Петроварадинската тврдина од вторник 6 јули до недела 11 јули, како и на Новосадскиот саем од вторник 5 јули до недела 11 јули, и тоа само за оние кои ќе прават брзи антигенски тестови.
На самиот фестивал, посетителите од Северна Македонија со четиридневни влезници ќе влегуваат исклучиво на главниот влез (кај Ловотурс) додека посетителите со еднодневни влезници влегуваат на Влез 2 (кај црквата).
На официјалната страница на Егзит објавени се комплетните правила и чекори за влез на фестивалот. Овие правила ги одобри Кризниот штаб на Република Србија.
Инаку, резултатите од анкетата која „Егзит“ неодамна ја спроведе меѓу купувачите на влезници во Србија, покажаа дека повеќе од 70% од нив се вакцинирани. Дури 64% ја примиле вакцината, а 8% го прележале Ковид-19 во претходните шест месеци.
Свој настап на фестивалот потврдија дел од најголемите светски и регионални имиња, како што се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, „Сабатон“, Нина Кравиц, Џонас Блу, Пол Калкбренер, Тајга, Соломун, Амели Ленс, Масео Плекс, Денис Султа, Диџеј Топик, Робин Шулц, Асаф Авидан, Сатори, Борис Брејча, Хани Дижон, „Хот Синс 82“, „Медуза“, Пол ван Дајк, „Артбат“, Шек Вес, „Лајбах“, Амира Медуњанин, „Хладно Пиво“, Рундек и „Екипа“, Сенида, „Ван Гог“, Војко В, „Буч Кесиди“ и многу други.