Како и на првото рангирање пред две години, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е прв на ранг-листата на високообразовни установи во Македонија, која за постигнувањата во 2011/2012 и овојпат ја состави Центарот за светска класа универзитети при Универзитетот Џиао Тонг во Шангај.
На првите пет места на листата од вкупно 20 високообразовни институции се уште три државни универзитети – „Гоце Делчев“-Штип (второ), „Св. апостол Павле“-Охрид (четврто) и „Св. Климент Охридски“-Битола (петто). Од приватните универзитети, највиско рангиран е Универзитетот на Југоистична Европа-Тетово (второ место).
Листата, која денеска ја објави Министерството за образование и наука, а денеска ќе биде поставена и на веб-страницата на Џиао Тонг, ги сумира резултатите за настава и учење, за истражување и за социјална димензија. Последен на второто рангирање во Македонија е „Евробалкан“, кој минатата година од институт прерасна во универзитет.
Ранг-листата е направена според методологија со 21 индикатор за квалитет, два повеќе во однос на првото рангирање – бројот на наставници или соработници кои најмалку една година работно престојувале во странство и бројот на студенти кои биле најмалку три месеци на студентска размена во странство, пишува МИА.
Според министерот Спиро Ристовски универзитетите годинава биле поодговорни кон процесот, повеќе соработувале и биле поефикасни во доставувањето на податоците.
„Сите високообразовни установи во иднина треба повеќе да се фокусираат на процесите на интернационализација, односно мобилноста на студентите и на наставниот кадар, кои се во врска со меѓународната препознатливост. Научно-истражувачката работа и инвестирањето во оваа дејност на приватните универзитети се уште заостанува зад јавните универзитети. Во иднина од нив се очекува уште поголем придонес во публикувањето на научно-истражувачките резултати“, рече Ристовски на денешната прес конференција.
Резултати од второто рангирање на високообразовните установи во РМ за постигнувањата во 2011/2012 година:
1. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
2. Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип
3. Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово
4. Универзитет за информатички науки и технологии „Св. апостол Павле“ – Охрид
5. Универзитет „Свети Климент Охридски“ – Битола
6. Универзитет Американски колеџ – Скопје
7. Меѓународен Балкански универзитет – Скопје
8. Прв универзитет ФОН-Скопје
9. Државен универзитет во Тетово
10. Прв приватен универзитет Европски универзитет Република Македонија – Скопје
11. Приватна висока стручна школа за новинарство и односи со јавност – Скопје
12. Приватна висока стручна школа „Еуроколеџ“ – Куманово
13. Приватна висока стручна школа Факултет за бизнис економија – НЕОКОМ – Скопје
14. Универзитет за туризам и менаџмент – Скопје
15. Меѓународен универзитет – Струга
16. Меѓународен Славјански Институт „Г.Р. Державин“ – Свети Николе
17. МИТ универзитет – Скопје
18. Приватна висока стручна школа „Бизнис академија – Смилевски“ – Скопје
19. Универзитет за аудиовизуелни уметности – Европска филмска академија ЕСРА – Париз–Скопје–Њујорк
20. Универзитет „Евробалкан“ – Скопје.