Објавени трите откупени драмски текста од конкурсот на МТФ „Војдан Чернодрински“ и Министерство за култура

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп ги објави на својата интернет-страницата трите откупени текстa на конкурсот што го распиша Министерството за култура, во соработка со театарскиот фестивал.

Станува збор за текстовите „Бреме“ на Мила Јовановиќ-Миленковиќ и „Измислена приказна“ и „Не застанувај продолжи понатаму: Лукавиот“, и двата од Мики Душански.

„Идејата на конкурсот беше да се збогати домашното драмско творештво, но и да се влијае на поттикот овие текстови да бидат поставени на националните театарски сцени каде наголемо недостига домашната драма. Еден од најважните заклучоци на 57. издание на МТФ ‘Војдан Чернодрински’, што се реализираше од 9 до 16 јуни во Прилеп е дека треба што повеќе да се фокусираме токму на новата македонска драма и нејзиното оживување на театарските сцени“, соопштија од МТФ „Војдан Чернодрински“.

Пријавените 48 текстови ги оценувала комисија во состав на Маја Стевановиќ, професорка на Факултетот за драмски уметности, драмски автор и драматург, Нина Николиќ, театарска режисерка и Васил Михаил, актер, драмски автор и режисер. Членовите на оваа комисија за време на оценувањето беа анонимни.

„Процесот на работа беше таков што секој член од тричлената комисија работеше независно и требаше секој од доставените текстови под шифра да го оцени со оценка од 1 до 5. По добивањето на оценките за секој драмски текст од секој член на комисијата посебно, беше избрана средна оценка“, информираа од Фестивалот.

Министерството за култура на авторите на македонските драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, обезбеди авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари.

Текстовите се достапни овде.