Неодамна е објавено српското издание на збирката раскази „Вечерен автобус“ на младиот македонски писател Стефан Алијевиќ. Збирката беше промовирана на 29 јуни во Нови Сад, а промотори беа хрватскиот поет АЛен Брлек и српскиот писател Далибор Томашовиќ, кои истовремено се и уредници на книгата.
Изданието е на Културанова од Нови Сад како дел од едицијата „Зад барикадата“, а преводот е на Ѓорѓе Божовиќ, доцент по општа и балканска лингвистика на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград.
„Како едиција, ‘Зад барикадата’ постои од 2017 и за цел има да ја поддржува и афирмира некомерцијалната книжевност која настанува настрана од мејнстрим книжевните кругови. Наспроти комерцијализацијата на книжевноста и без компромис, едицијата отстапува простор на дела кои се отворени за експеримент. ‘Зад барикадата’ поддржува и автори поединци и групни изданија/проекти кои отвараат малку поинакви светогледи кон книжевноста. Ги стимулира читателите на покритички ставови кон еден свет во кој книжевноста не останува само меѓу кориците, туку сака да воспостави однос помеѓу она што е напишано и реалноста која не опкружува“, соопштија организаторите.
Алијевиќ завршил додипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. „Вечерен автобус“ е негова прва објавена книга и е една од добитниците на регионалното книжевно признание „Штефица Цвек“.
Македонското издание на збирката е на „Или-Или“ и е објавено минатата година.