Со знамиња во раце, пеење традиционални албански песни, но и извикување на„УЧК“ од поединци во толпата, ученици од Чаир излегоа на марш во Скопје со кој го одбележаа Денот на албанското знаме, 28 ноември.
Зборно место на маршот беше гимназијата „Цветан Димов“, а потоа учениците продолжија да се движат по булеварот кај Бит-пазар, за да стигнат на плоштадот „Скендербег“, како нивна крајна дестинација. Организатори на маршот се ученици од средните училиште „Цветан Димов“ и „Арсени Јовков“.
„Целта на маршот е да се прослави Денот на албанското знаме, кој се слави на 28 ноември, но бидејќи е во сабота и не сме на училиште, решивме денеска да го одбележиме. Ова е самоиницијативно. Втора смена денеска не сме на училиште, само прва смена, ослободени сме од училиштето“, изјави за Радио МОФ претседателот на Унијата на средношколци во средното училиште „Цветан Димов“ Јасин Асани.
Иако на социјалните мрежи маршот беше најавен како средношколски настан, во толпата можеше да се забележи дека маршираат и основци.
Настанот заврши со пригодна програма, во чии рамки ученици рецитираа, држеа говори и се пушташе музика.