Владата и Министерството за финансии имаа сложена задача да избалансираат помеѓу драстично намалените даночни приходи и пронаоѓање пари за помош на економијата по глобалната пандемија со коронавирусот, која остави без работа многу бизниси и силно го наруши секојдневниот живот.
Анализата која ја направивме на Ребалансот на Буџетот за 2020 година, донесен од Владата на 14 мај, покажува дека дел од компромисите повторно паднаа врз парите предвидени за инвестиции во екологијата и образованието.
1,6 милиони евра помалку за инвестиции во образованието
Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) е скратен за скоро 700 милиони денари или 2,5%. Додека се додадени 400 милиони денари за справување со Ковид-19 кризата, 705 милиони денари се скратени од основното, средното и високото образование. Најголем дел од овие кратења се од проектите предвидени во овие степени на образование.
Инвестициите во образованието се намалуваат за 100 милиони денари. Половина од ова кратење е предвидено во ставката за изградба и реконструкција на студентски домови. Додека вкупно 35 милиони денари се одземени од ставките за изградба и реконструкција на основни и средни училишта.
Од буџетските средства наменети за универзитетите, се крати од секаде во просек по околу 40 милиони денари по универзитет. Најмногу пари се скратени за Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, вкупно 95 милиони денари. Целосно се скратени парите предвидени за изградба на Факултетите за информатички науки и компјутерско инженерство и физичка култура кои се градат во Кампусот на УКИМ, за кои првично се планираа 70 милиони денари, а преполовен е и буџетот на Агенцијата за квалитетот на високото образование, од 5,1 на 2,6 милиони денари.
Од ставката за студентски стандард се скратени 37 милиони денари, а од ученичкиот стандард скратени се 25 милиони денари.
Интересно е што со ребалансот, што не било карактеристично со ребалансите на буџетите во минатото, се зголемуваат средствата предвидени за наука. За околу 20 милиони денари. Сепак, овие средства целосно отпаѓаат на нова ставка за превод на книги од реномирани автори, додека повторно се намалуваат буџетските средства за научно-истражувачката работа. Истовремено повисок буџет се предвидува и во ставката интеграција во ЕУ.
Околу 16 милиони денари се крати и од Бирото за развој на образованието. Намалувањето е во подготовката и реализацијата на државната матура, како и од ставката развој и подготовка на наставни програми во основното и средното стручно образование.
Од Владата побаравме образложение за кратењето на буџетот на МОН. Тие велат дека кратењата главно отпаѓаат поради намалените активности за изградба на на студентски дом на Државниот универзитет во Тетово, поради новонастанатата ситуација во земјата. Од власта уверуваат дека за сите училишта кои се предвидени во Планот за јавни набавки на МОН за 2020 година, и за кои е обезбедена целосна документација од страна на локалните самоуправи, постапките за јавни набавки се почнати, или ќе започнат во текот на следниот период.
„Согласно наведеното, кратењето на финансиски средства не влијае на започнатите активности, само се продолжени роковите за 3-4 месеци пропорционално на периодот на застојот од воведените вонредни состојби“, стои во образложението од Владата.
Преполовен буџетот за мониторинг и заштита од аерозагадување
Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е намален за 25%, односно 200 милиони денари. Без малку целото кратење е направено во ставките за заштита и унапредување на животната средина.
Инвестициите во животната средина од основниот буџет речиси целосно се укинуваат, откако буџетот за оваа намена е скратен за цели 98%, од 66 на само 1 милион денари. Преполовен е и основниот буџет за чистење на депониите. 40 милиони денари се крати и од развојната потпрограма за колекторскиот систем за Охрид и Струга, додека еден од ретките проекти кои добиваат поголем буџет е ставката за канализациони мрежи и одводни канали која е покачена за 5 милиони денари.
Драстично намален е и првично предвидениот буџет за ставката мониторинг и заштита од аерозагадување. Тој е речиси преполовен од 69 на 36 милиони денари. А при ова кратење најголем дел се должи на ставката „купување на опрема и машини“.
Од Владата објаснуваат дека од оваа ставка скратени се 15 милиони денари за набавка на внатрешни филтри за прочистување на воздухот, кои МЖСПП ги повлекло од приоритетната листа поради кризата со коронавирусот. 750 илјади денари за набавка на спектрометар UV VIS, PH-метар за централната лабораторија се скратени бидејќи биле обезбедени од други извори, додека скоро 18,5 милиони денари за проектни активности ќе бидат рефундирани на проектната сметка по реализација на набавките согласно процедурите на IPA CBC програмата за соработка помеѓу Република Северна Македонија Република Грција.
Во оваа ставка се предвидени и 35 милиони денари за набавка на резервни делови и нови инструменти за Државниот автоматски мониторинг систем, кои од Владата напоменуваат дека ќе се реализираат во декември.
Од ставката „Инвестиции во животната средина“ скратени се 26 милиони денари за кофинансирање на Проект за Изградба на водoснабдителен систем Делчево, финансиран од Швајцарска Влада бидејќи проектот доцнел од објективни причини но, од Владата потенцираат дека проектот ќе продолжи и покрај скратените средства. Скоро 39 милиони денари се скратени и по основ на надоместокот за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините за 2019 година, кои се пренаменети за справување со кризата од Ковид-19.
„Кратењето на буџетските средства на Министерството за животна средина и просторно планирање е направено со големо внимание при што особено се водеше сметка да не се предизвика застој во реализација на предвидените активности и на штета на активности кои се од витално значење за заштитата на животната средина. Дел од скратените средствата се оние кои се наменети за кофинансирање на проекти кои не завршуваат оваа година, а дел на скратените средства се надоместени од други програми“, информираат од Владата.
За самиот крај погледнавме и во буџетот на Агенцијата за млади и спорт кој е намален за нешто преку 60 милиони денари или нешто над 10%. При ребалансот повеќе од преполовен е буџетот предвиден за млади, од 35 на 16 милиони денари, додека од буџетот за спорт се скратени над 60 милиони денари. Меѓународниот програм е намален за 10 милиони денари, а како посебна ставка од 30 милиони денари е додаден нов буџет за справување со Ковид-19 кризата.
Ова не е прв пат со буџетскиот ребаланс да се кратат средства во овие области. Минатата година беа скратени скоро 850 милиони денари за образование, а во 2018 кратењето изнесуваше милијарда денари. Кога е во прашање Министерството за животна средина и просторно планирање, иако минатата година доби повеќе пари со ребалансот, во 2018 нивниот буџет беше скратен за 120 милиони, а во 2017 година за 100 милиони денари. Во ова Министерство, пак, со исклучок во 2018 година, властите со години наназад не успеваат да ги реализираат првично планираните средства од буџетот за животна средина.
Инаку, целосниот Буџет на Република Северна Македонија за 2020 година со ребалансот е зголемен за нешто преку 3,25 милијарди денари, со тоа што буџетскиот дефицит се зголемува за скоро 29 милијарди денари. Поради тоа што Собранието е распуштено, ребалансот беше донесен од Владата и измените ги правдаа со тоа дека целта е финансирање на мерките за надминување на последиците од кризата со коронавирусот и забрзување на процесот на опоравување на економијата.
Со ребалансот беа вметнати дополнителни 3 милијарди денари во буџетот на Владата за спроведување на мерки за стимулирање на приватната потрошувачка со фокус на домашната економија, поддршка на приватниот сектор и работниците. Додека дополнителни 600 милиони денари се предвидени во Министерство за економија за поддршка на приватната потрошувачка на граѓаните и домашниот македонски туристички сектор.
Даниел Евросимоски