„Образованието како забрзан онлајн курс“ – матуранти продолжуваат со бојкот на наставата

Матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје денеска излегоа во училишниот двор, бојкотирајќи ја наставата, со барање да се одложи државната матура годинава.

Тие се приклучија на свои соученици од други средни училишта со ставот дека немаат доволно време да се подготват за полагањето бидејќи учебната година започнала еден месец подоцна, а наставата во најголем дел се одвива од далечина. Велат дека се спротивставуваат на лошите реформи и нивната имплементација.

„Образованието се одвива во форма на забрзан онлајн курс со полагање во најбрз можен рок. Поради доцниот старт на учебната година приморани сме да го надокнадиме месечниот изгубен материјал, паралелно учејќи го новиот и тоа на скратени часови, во неефективни услови, во времетраење од 35 минути. Изреволтирани сме поради заканите и притисоците, за искористување на правото на бојкот на наставата од страна на авторитативни дела во образовниот систем“, реагира еден од матурантите од ова училиште.

„Со сета почит кон нашите професори и нивните напори кои ги вложија за да се подобри начинот на функционирање на образовниот систем во нашето училиште и воедно да ја изведеме онлајн праксата во овие тешки периоди на глобална пандемија, рецесија и вонредна ситуација. Секако дека наставата се подобри во споредба со онлајн периодот од минатата учебна година, но тие промени не се воопшто ни блиску до доволни за да се подобри образованието на достоинствено ниво, кое е содветно или пак приближно до истото кое го имавме за време на настава со физичко присуство“, додаваат тие.

Еден од главните проблеми кој го истакнаа е како што велат, оскудната програма за општообразовни предмети, најмногу изразено во стручните училишта. Како пример го наведуваат предметот Македонски јазик и литература, кој е еден од екстерните предмети на државната матура. Тие учат од учебници со по 100 страници, во споредба со гимназиските од 400.

„Затоа бараме реформа во образовниот систем со која материјалот ќе се синхронизира со потребите за матура во однос на струката. Бараме и привилегија(предност) во облик на потврда или бодови при упис на факултетите за кои сме се подготвувале во четиригодишното стручно образование (општа медицина, фармација, стоматологија, лаборанти и слично)“, гласат дел од нивните барања.

Матурантите најавија дека бојкотот ќе продолжи се додека не се донесат соодветни мерки.

„Финансиските средства потребни за реализирање на државната матура да се пренаменат онаму каде што се навистина потребни, кај нашите соученици кои се во тешка социјална состојба или пак да се вложат во здравствениот систем за да ги немаме истите потешкоти со кои се справуваат нашите колеги и секојдневно помагаат на илјадници сограѓани“, велат тие.

Од Сојузот на средношколци претходно нагласија дека бојкотот на наставата е иницијатива на други неформални здруженија на матуранти.

Тие неодамна постигнаа компромис со Министерството за образование и наука за поедноставни материјал за државната матура. Оттаму, пак, остануваат на ставот дека државната матура е законска обврска и мора да ја има.