На студентите во Македонија им треба субвенциониран превоз, удобно легло, бесплатно образование, дигитализација, како и студентски сервис кој ќе ги поврзува со флексибилна работа. За ова да се случи, Законот за високо образование и Законот за архивско работење треба да претрпат промени. Студентите треба здружено и солидарно да ги издејствуваат и креираат промените, затоа што образованието не е високо меѓу приоритетите на државата. Исто така, студент во Македонија вреди да се биде ако личноста се вложи и работи за каузата за подобар утрешен студентски живот.
Ова беа дел од изнесените ставови и заклучоци на вчерашната онлајн дискусија „To be or not to be… студент во Македонија“ која беше поттикната од анализата направена од „Форумот за образовни промени“ која покажува дека просечните трошоци за еден семестар само за студентите на Економскиот факултет при УКИМ чини 81.335 денари или 1.317 евра.
Повеќето студенти секој месец плаќаат околу 10-12 илјади за сместување во стан поради овогодишниот недостаток од студентски легла. Ова претставува финансиски предизивик за студентите, кои и без тоа имаат други трошоци околу студирањето, животот, но и скапиот меѓуградски превоз, истакна Марија Јовановска од Гевгелија, студентка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.
„Цената за автобуска карта во два правци е 900 денари, некогаш и повеќе. Има студенти кои си одат дома секој викенд и тоа се речиси 1000 денари неделно. Затоа, апелирам да се воведе студентски попуст на овие билети“, нагласи Јовановска.
Студентката како пример го посочи градот Охрид кој, како што рече, им дава на студентите 30% попуст на автобуските билети. Ова олеснување според неа не е значајно и големо, но сепак постои.
„Апелирам до сите локални самоуправи и Владата ова да се воведе на национално ниво“, порача таа.
Дополнително, студентите со автобус до Гевгелија патуваат повеќе од 2 ипол часа, додека возовите се „поинтересна приказна – патешествие“ од 3 ипол часа. Сите млади луѓе во Македонија вакво патешествие можат да искусат бесплатно секој прв и трет викенд од месецот, а за 50% поевтина карта имаат секој друг ден доколку годишно плаќаат 150 денари за младинска легитимација. Додека, студентите имаат бесплатен воз секој четврток.
„Од лани се укинати некои од линиите, утринската и попладневната ја нема моментално. Тоа значи дека ако сака некој да си оди дома за викенд може да го искористи возот еднаш, а за враќање – со автобус, што значи дека ќе треба да плаќа поголема цена“, објасни студентката, апелирајќи што побргу да се вратат овие линии, како и да се додадат линии преку ден.
На сите ни се познати студентските проблеми како што е транспортот, но и Законот за високо образование кој не е доизјаснет и нема доволно правни образложенија со кои студетските правобранители би можеле да ги заштитат студентите, смета Шевал Зиза, претставник на Националното студентско тело кое е составено од претседателите и потпретседателите од сите универзитетски студентски собранија. Според него, исто така, проблем е и Законот за архивско работење кој ја ограничува целосната дигитализација која многу би им значела на студентите.
Зиза истакна дека властите имаат слух за овие студентски проблеми, им закажуваат состаноци и повеќето од нив се многу заинтересирани за дигитализацијата.
„Во администрацијата во МОН има многу луѓе кои се на наша страна, амбициозни се и сакаат да ни помогнат, меѓутоа се соочуваме и со одредени проблеми кои се во Законот за архивско работење кој што ги ограничува овие напредоци“, забележа тој.
На прашањето зошто тогаш не се менува законот и дали го поставуваат ова прашање до одговорните, студентот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) истакна дека постојано прашуваат, но не им се погодува времето.
„Ние почнавме малку поактивно лани во последните месеци, ноември/декември, меѓутоа се погоди период во кој ветуваа ‘ќе направиме промени, ние сме на ваша страна’, меѓутоа сите ни рекоа после изборите. Настана цел хаос со изборите, одлагање, пребројување на буџетот и во телото со тој процес настана застој“, искрен е студентот.
Вакви проблеми немаат студентските тела во Словенија кои се финансираат со заработени пари на студентите преку студентскиот сервис кој го регулира нивниот работен однос, па со тоа студентските претставници се обврзани да го слушаат нивниот глас.
„Ова значи дека има одредени компании кои нудат работи за нас студентите. Тоа е многу флексибилно бидејќи се договараш ти со фирмата колку можеш да работиш, колку часови и навистина можеш лесно да прилагодиш со студиите. Јас од прва година работам, што верувајте дека е огромен плус да студирам истовремено и своја заработка да имам, плус огромен старт понатаму за посериозна кариера. Иако сме странци, имаме супер работни можности“, објасни Милена Глигорова, студентка на мастер студии во Марибор, додека додипломските ги завршила на Универзитетот во Љубљана.
Како што раскажа таа, во Словенија на национално ниво има субвенционирани автобуски карти за студентите, а за тие што им треба – и регионални карти со воз. Таа во Љубљана плаќала 20 евра за месечна карта, додека сега во Марибор плаќа 16 евра. Исто така, студентите таму имаат и студентски бонови со кои можат да јадат бесплатно или со малку доплаќање два пати во денот во голем број ресторани. Нив ги финансира министерството за образование во Словенија и се зголемуваат секоја година, нагласи Глигорова.
Меѓутоа, студентите од Македонија таму се водат како државјани од трета земја (што не е членка на ЕУ) и се последни во редот за влегување во студентските домови, па поради тоа не добиваат студентско легло. Ова значи дека студентите во Љубљана мора да плаќаат станови, што според кажувањата на студентката е еден од поголемите трошоци за животот како студент таму.
„Во Марибор на пример, и во други градови кои исто имаат свои универзитети или факултети, може да се пријават и странци во студентските домови и тоа е некој трошок од 100-150 евра месечно. На тоа, имаш можност и да аплицираш за финансиска помош од државата доколку твојата фамилија има пониски примања“, додаде таа.
Единствено што студентите таму не можат да го добијат, појасни студентката, се стипендиите. „Колку и да имаш висок просек – немаме право на стипендија“, рече Глигорова.
„Мене лична најважна ми е можноста да работам сама. Ми тече стаж, осигурана сум, многу пофлексибилно отколку сега се вработиш со скратено или работно време. Некогаш е многу тешко да се ускладиш, посебно кога е испитна, колоквиумска. Затоа, многу е важно државата да ти го чува грбот, да не те искористат и да не бараат некои работи кои ти како студент не можеш да ги постигнеш“, поентираше таа.
13 илјади од студентите кои студираат на УКИМ не се од Скопје и патуваат за да следат настава, посочи Бленди Ходаи. Како што раскажа, „Форумот за образовни промени“ изготвил предлог за промени заедно со студентите по словенскиот модел, кој ќе биде презентиран на 19 декември.
„Предлогот до Министерството за транспорт е да воведе јавно-приватно партнерство со сите приватни фирми кои оперираат со превозите низ државата. Да има два типа на карти: првиот тип да биде околу 18 евра и таа да им овозможи на студентите да патуваат 10 пати месечно, додека вториот тип на карти да биде околу 35 евра и со тоа да се овозможи студентот да патува неограничено цел месец“, објасни тој и додаде дека Милена не е државјанин на Словенија, а има повеќе права таму отколку македонските државјани во Македонија.
Модераторката на дискусијата Елида Зулбеари напомена дека на дискусијата биле поканети и министерката за образование и наука и нејзиниот заменик, меѓутоа како што беше кажано тие немале време да присуствуваат и не одговориле позитивно на поканата.
„Не одговориле позитивно затоа што, да бидеме реални, образованието не е приоритет на нашата држава, никогаш не било впрочем. Тоа можеме само да го прифатиме или треба да го повториме пленумот и да го повторуваме секоја година и низ секое ново раководство или едноставно треба ние да си пружиме раце меѓу себе и да направиме нешто за нашата држава и за нашата академска заедница“, смета Викторија Апостоловска од „Форумот за образовни промени“, студентка на мастер студии при УКИМ и поранешна правобранителка на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ.
Според неа, супер е тоа што соработуваат со Националото студентско тело и се отворени за соработка, меѓутоа скептична е дека нешто од тоа ќе призлезе. Затоа што, искуството на сите, како што рече Апостоловска, го покажало спротивното – дека невладиниот сектор и солидарноста меѓу студентите прават многу повеќе за студентите отколку државата.
„Колку побрзо се соживееме со тоа, толку побрзо ќе си пуштиме раце и заедно ќе направиме нешто што навистина ќе е во полза на младите луѓе“, посочи таа.
Како што истакна Апостоловска, многу е позната таа апатија на студентите. Но, според неа, таа не е случајна, туку системот ги направил младите апатични и без доверба.
„Ако државата или граѓанскиот сектор или академската заедница ти понуди функционален систем на работа, мислам дека секој еден млад човек ќе се испроба“, децидна беше студентката.
На ова, Глигорова се надоврза дека сите студенти кои студираат во Македонија и таа ги познава, ако не работат за време на академската година – работат сезонска работа за време на летото.
„Значи, не е дека не им се работи на студентите, само тешко е да се ускладат обврските со позициите кои ги нудат тие работодавачи. Малку гледав какви платени пракси се нудат во Македонија, какви студентски работи и тоа се вообичаено пракси каде студент треба да оди секој ден по неколку часа за 150 евра месечно. Искуството е супер, но тоа е време кое студентот го вложува во твоето работно место, сака да научи, навистина се труди и одделува од своето време. Кога студентите стават на вага што и колку добиваат, а колку трошат – резултатот придонесува за апатичноста“, заклучи студентката.
Дискусијата беше организирана од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“ во рамки на која функционира порталот Порталб, заедно со Здружението на граѓани „Форум за Образовни Промени“.
Ангела Петкова