Образовните асистенти стигнуваат во школите, но останува уште работа за инклузијата на децата со атипичен развој

„Kонечно асистентите на деца со посебни образовни потреби ќе потпишат договори за работа. И конечно после две недели седење дома, нашите деца од понеделник ќе почнат со училиште. Ќе понесе ли некој одговорност за овој пропуст и дискриминацијата на нашите деца?“.

Зоран Мијалков, татко на ученик со аутизам, во неколку реченици преку социјалните мрежи го сумираше револтот на родителите на децата со атипичен развој кои останаа без образовни асистенти на стартот на учебната 2024/2025 година.

Toj и повеќе родителите неколкупати реагираа дека доцни огласот за асистенти, дека нивните деца се заборавени, додека министерката за образование и наука Весна Јаневска прво тврдеше дека асистентите ќе почнат со работа од 2 септември, потоа најави дека ќе влезат во училиштата на 10 септември, за на 10 септември да рече „постепено во следните денови“.

Меѓу оние што реагираа периодов беше и Елена Јакимовска-Павлеска, мајка на петтоодделенец со аутизам. Според неа, децата не треба да бидат колатерална штета на неорганизираноста на институциите. Особено што на децата од аутистичниот спектар при развојот може да им наштетат нагли промени, ад-хок решенија или „крпење дупки“ во последен момент.

„Преку ‘Нова Македонија’ дури на 19 август бил пуштен огласот, додека лани тоа се случувало во јули, а на 8 август веќе биле завршени сите интервјуа и асистентите почнале на време, со сите потребни документи. Како лани можеше навреме да се пуштат асистенти на 1 септември, а сега ‘пу-пу не важи? (_) Каде децата се исмејувани, поттурнувани, уште и државата ќе ги отфрла“, забележува Јакимовска-Павлеска.

Постојат и други предизвици, кои се повторуваат. Родителите од година во година се во неизвесност дали ќе им биде доделен истиот асистент, што во спротивно може да доведе до регрес кај овие ученици.

„Децата со аутизам имаат едно поинакво поле на поврзување, без разлика дали се работи со асистент, дефектолог, логопед. Секоја нагла смена може да создаде одбивност и да не влезат во училиштата. Затоа препорачувам да си ги задржат асистентите до крај на осмолетка. Значи, од прво одделение до средно училиште, а после да се донесе новиот закон (за асистенти во средно училиште). Секако, асистентот може да биде сменет доколку се увиди некаква неправилност, неповрзување со детето, или евентуално асистентот од Х причини си заминува на друга работа“, нагласува Јакимовска-Павлеска.

Истото го потврдуваат и од службите што работат по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).

„Повеќе родители се јавуваат и бараат нивните досегашни асистенти, кои биле поддршка во образованието, да продолжат и понатаму со истите деца. Некои велат дека им се менуваат асистентите и во петто, шесто или седмо одделение. Наша обврска е да процениме дали на детето му треба образовен асистент, модифицирана програма, Индивидуален образовен план (ИОП), се’ што му е потребно во едукативниот процес, но на прераспределбата треба да внимаваат и самите координатори на асистентите. Мораме да градиме инклузивна клима во интерес на секое дете поединечно“, велат од МКФ-службата за Радио МОФ.

Образовна асистенција со многу реформи… и предизвици

Ако се погледне ретроспективно, асистенти за ученици со попреченост во основните училишта се ангажираат од 2016 година, преку програмата за општинско корисна работа во соработка со УНДП. Пет години подоцна, од 2021, почна да се спроведува новиот систем за „Образовна асистенција“ во согласност со измените на Законот за основно образование и заклучните согледувања на Комитетот на ОН.

Дејноста на асистентите беше уредена преку Правилник за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи, особено за образовен и за личен асистент, како две различни форми на поддршка. Пример, образовниот асистент да дава поддршка за наставни и воннаставни активности, задачи што бараат комуникација, социјална интеракција, сетилна и моторна активност, во движење, земање храна или пијалак. Додека пак личните асистенти повеќе во насока на употреба на помагала, ориентација во простор, одржување лична хигиена, облекување и др., согласно насоките за ученикот и во консултација со родителот/старателот.

Идејата беше образовните асистенти да станат директна поддршка на наставникот, до три деца со попреченост во едно одделение, наместо досегашниот модел „еден на еден“, што повторно поттикна дискусии и дилеми како тоа би се изведувалo во пракса. Притоа, асистентот со наставникот да применуваат кооперативен однос, а наставникот да биде носителот на инклузијата. Децата да ги реализираат своите потенцијали и да стекнуваат самостојност и социјална вклученост во училишната средина.

Илустративно фото: Unplash

Со ваквиот систем, асистентите за основците паднаа на товар на државниот буџет. Како плати за образовните асистенти од бившата министерка Мила Царовска беа споменувани суми од 24.000 денари, бидејќи претходно преку општините добиваа по 7-8.000 денари и беа ангажирани хонорарно. Искуства покажаа, понекогаш општинските плати им доцнеа и практично истовремено извршуваа повеќе обврски – на лични асистенти, наставници и педагози – се’ врз грб на асистентите, некогаш и без доволен број материјали за работа.

Оттука во 2021, Министерството за образование и наука (МОН) издвои скоро 60 милиони денари за вработување на 500 образовни асистенти преку петте посебни училишта што го сменија статутот и станаа основни училишта со ресурсен центар (ресурсни центри). Испадна дека тоа е несоодветна проценка, дека се малку и доцнеа во школите, па наредната година беа ангажирани 750, а лани бројката стигна до 820.

Сега, таа бројка уште расте.

„Информираме дека оваа учебна 2024-2025 година во основните училишта ќе бидат ангажирани 1020 образовни асистенти“, велат од МОН за Радио МОФ, дополнувајќи дека по првичните 820, дополнителни 200 се обезбедуваат со ребаланс на буџетот.

Сепак, ресорното министерство не дава конкретна информација колку моментално вложуваат за образовни асистенти.

„Толку колку што треба“, ни одговори на прес-конференција министерката Весна Јаневска.

За последното доцнење на асистентите, Јаневска прстот го впери кон школите и ресурсните центри, a потоа спомена и дека доцнењето „е одраз на чекањето на ребалансот на Буџетот и релативното работење на училиштата на различни начини“.

Фото: МОН

Ако се погледне процедурата, според Правилникот за побарување асистенти, таа вели: средствата за асистентите се обезбедуваат од Буџетот на МОН. Децата прво треба да поминат проценка на МКФ-службите, а потоа основните школи таквите мислења ги доставуваат до ресурсните центри, според утврдена реонизација. Барања за образовен асистент треба да се достават до крајот на месец март, ако се работи за деца од второ до деветто одделение, а за првооделенците – до јуни. На крајот, ресурсните центри ја тераат постапката преку јавен повик, спроведуваат обука и ги вработуваат асистентите, со цел тие да бидат подговени за првиот школски час.

Повторно реформи за образовната асистенција?

МОН сега прави нови измени на Законот за основно, со цел да се убрза процесот. Во Предлог-законот што е ставен на ЕНЕР, како измена на членот 7, стои:

Постапката за вработување на образовните асистенти завршува до крајот на месец јуни, а образовните асистенти се вработуваат на определено време во државните основни училишта со ресурсен центар за наредната учебна година. Средствата за образовните асистенти се обезбедуваат од Буџетот на Министерството.

Она што досега се наметна како тема за дискусија и повлече реакции се договорите на определено време на асистентите. Од една страна, асистентите добиваат едногодишни договори со сите права од работен однос, а од друга, се покренува прашањето дали им се потребни трајни решенија за вработување?

„Асистентите треба да добиваат редовен статус. Можеби ова не треба да важи за сите, бидејќи некои имаат поинакви афинитети и цели, но, еве, барем за почеток на 500 од 1000-те ангажирани. Ќе биде стимул за нив и останатите, да се докажат, работат, да го задржат и истото дете што во подолните одделенија му нуделе поддршка. Треба да се чувствуваат сигурни, како интегрален дел од системот, за да ги задржиме како профили што ќе го подобруваат инклузивниот процес“, велат од МКФ-службата.

Во документот за јавни политики „Реформи и предизвици на инклузивното образование во Северна Македонија“ од 2022 година, се дадени мислења на ресурсните центри (ОУРЦ) што ги вработуваат асистентите.

„Два ОУРЦ сметаат дека бројот на децата со попреченост што ќе имаат потреба од асистент е варијабилен, па затоа едногодишните договори функционираат. Трет ресурсен центар е на ставот дека договорите со образовните асистенти треба да имаат адаптационен период од една школска година, а потоа, доколку сѐ тече во најдобар ред со врската дете образовен асистент – тие да бидат повеќегодишни, односно до крајот на школувањето. Четврт ресурсен центар посочува дека ќе се зголемува потребата за образовен асистент, услугата е неопходна, па и работниот однос треба да се промени, а тоа бара промена на законската регулатива“, стои во документот.

Од аспект на работните задачи и компетенции на образовниот асистент, еден од ресурсните центри рекол дека тие треба да се допрецизираат. Друг воочува потреба за доедуцирање на образовните асистенти во однос на справување со ситуации, но и документацијата што треба да ја доставуваат. Трет се осврнува на потребата да се создадат заеднички начини на работа меѓу асистентите и сите соработници.

Статусот и дејноста на образовните асистенти беше предмет на расправа и меѓу експерти на Симпозиум во Охрид, одржан на крајот на 2023. Таму тие дадоа низа препораки за институциите, како на пример асистентите да даваат поддршка на ученици од различна паралелка, додека за учениците со оштетен слух – да се обезбедат асистенти што се сертифицирани толкувачи.

„Треба подготовка за воведување на нов тип на образовна поддршка преку методи на заедничка настава и подготовка за трансформација на поддршката од образовна асистенција кон ‘ко настава’ (co-teaching) – во секоја паралелка во која има ученик со попреченост да има два рамноправни наставника. Треба решавање и на статусот на образовните асистенти (образовните асистенти кои имаат компетенции за реализирање на настава според студиската програма по која се образувале да добијат звање на наставници како ‘асистенти во настава’ и да се овозможи трансформација на нивниот работен однос на неопределено време)“, стои меѓу заклучоците на експертите.

Педиодов беше актуелен и вишокот наставници и нивна прераспределба, па МОН тоа го вметнува и во предлог-измените на Законот за основно образование, во смисла на пополнување на потребните образовни асистенти. 

Предлог-член 10
Доколку во општината има наставници кои се вработени на неопределено време во основно училиште, а немаат наставни часови, односно за нив треба да се води постапка за престанок на работен однос од деловни причини (технолошки вишок), наставникот може да биде распореден на работно место образовен асистент во основно училиште со ресурсен центар, по претходна согласност од Министерството. Дококу наставникот одбие да биде распореден на работно место образовен асистент во основно училиште со ресурсен центар, на него се применуваат прописите од областа на работните односи и Колективниот договор за основното образование
.

По долго време откако се „крчкаше“ во МОН, во Македонија конечно дојде ред и за поголема инклузија во средните училишта, за да има транзиција од основно во средно школо. Министерката Весна Јаневска изминативе денови се пофали дека образовните асистенти сега ќе се решаваат системски.

„Големата новина е дека обезбедуваме асистенти и за средно училиште, што досега ги немаше“, рече таа на прес-конференција пред новинарите.

Новината што ја споменува Јаневска, е објавена меѓу предлог-решенијата на ЕНЕР за новиот Закон за средно образование. Ако според најавите биде прифатена и изгласана во ноември во Собранието, постапката за образовни асистенти за средношколците ќе биде иста како и за основците – тие ќе бидат на државен трошок и ќе се вработуваат со буџет на МОН преку ресурсните центри. Разликата меѓу основците и средношколците, е тоа што досега трошокот за вторите главно одеше на грб на нивните родители.

„Образовниот асистент, кој му е доделен на ученикот со попреченост за поддршка на учењето, истиот, по правило, му дава поддршка на ученикот во текот на неговото средно образование, доколку за истото има потреба“, стои во предлогот.

Преку нацрт-законот, пола година по неговото евентуално донесување во законодавниот дом, планирано е четири државни училишта за рехабилитација и образование да го сменат статусот и да продолжат да работат како „средни училишта со ресурсни центри“, распоредени во Скопје (три) и Штип (едно). Нивните директори ќе го имаат последниот збор за изборот и распределување на образовните асистенти, но и за нивно стручно усовршување и оспособување.

Продолжува…

Бојан Шашевски

Со овој текст, Радио МОФ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.