Вчера и денес, во организација на Националниот парк „Шар Планина“, а со поддршка на Дирекцијата за заштита и спасување и Против пожарната едница од Тетово, се врши обука за справување со пожари на отворен простор за просторните сили на Шар Планина.
Со обуката се опфатени повеќе од 30 волонтери од граѓанското здружение за унапредување мерки за заштита од пожари „Доброволно пожарникарство – Тетово“, а беа присутни и учесници од сите седум општини на територија на новиот национален парк. Од Министерството за животна средина велат дека во иднина е планирано во континуитет да се организираат слични обуки и бројот на обучени лица да се зголемува со цел рано дејствување при појава на шумски пожари.
„Оваа обука се одржува во вистинско време, во пресрет на високите температури и опасноста од пожари. Ја поздравувам активноста на Управата на новиот национален парк Шар Планина и ме радува што гледам дека грижата за природното богатство на оваа наша планина предизвика ваков интерес и подготвеност за вклучување во нејзината заштита од волонтери од сите општини што се дел од ова заштитено подрачје“, истакна министерот за животна средина, Насер Нуредини.
Зајакнувањето на граѓанскиот сектор во доброволното гаснење на пожари опфаќа теми како: вовед во системот за заштита и спасување, права и обврски на институциите во системот за заштита и спасување од пожари со практична употреба на ПП апарати и хидрантската мрежа, прва медицинска помош, мерки за заштита и спасување, евакуација и згрижување на загрозеното население, лична и колективна заштитна опрема, тактика и техники на гаснење на шумски пожари на отворен простор, штети на шумите од пожар и заштита на шумите, како и практичен дел, употреба на гребли, ПП метли, напртњачи, воздушни дувалки и моторни грбни пумпи за вода.
Директорот на НП „Шар Планина“, Ибрахим Дехари, упати апел до локалните жители и љубителите на природата да се однесуваат одговорно при посета на Националниот парк со оглед на постоечкиот ризик од појава на пожари и фактот дека во моментот во Паркот нема иницијатива за ограничување на движењето во шума.
Реализацијата на обуката беше овозможена со поддршка на Светскиот фонд за природа (WWF Adria), Центарот за едукација и развој од Теарце (CED), Шведската агенција за развој и соработка (SIDA).