Младите од Вардарскиот и Југоисточниот плански регион имаат уште шест денови за пријавување на обуката за Новинарство засновано на податоци и визуелизации на податоци, која што ќе се одржи во Струмица во периодот од 26 до 28 април, објави Мета.
Крајниот рок за пријавување е 17 април, а на обуката може да учествуваат сите заинтересирани новинари и млади на возраст до 29 години. Сите заинтересирани можат да аплицираат на следниот линк.
Покрај учество во тридневната обука, младите што ќе се пријават ќе имаат шанса да бидат избрани за едномесечно практиканство во еден од трите медиуми на Фондацијата Метаморфозис – Мета.мк, Порталб.мк или Вистиномер.мк во текот на претстојново лето. Исто така, двајца млади кои учествувале на четирите обуки што ги организира Фондацијата Метаморфозис и ICFJ ќе имаат можност да отпатуваат на студиска посета во седиштето на ICFJ во Вашингтон, САД.
Обучувач на тридневната обука ќе биде еминентниот новинар на „Њујорк тајмс“, Роберт Гебелоф, кој воедно предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк. Покрај Гебелоф, обучувачи ќе бидат и Горан Ризаов и Бојан Блажевски, уредници во Новинската агенција Мета.
Обуката што ќе се реализира во Струмица е дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.