На 3 септември 2022 година (утре, сабота) од 9 часот на спортскиот аеродром „Стенковец“ ќе се одржи обука за пинг-понг за луѓе со попреченост.
Обуката е во организација на Здружение на лицата со параплегија и квадриплегија „Без Ограничувања“ и Аероклубот Скопје.
Како што информираат организаторите, во пинг-понгот за луѓе со попреченост важат спортските правила со тоа што спортистите без попреченост ја симулираат попреченоста на противникот.
„На пример, доколку едниот е во количка другиот игра седејќи на стол. Овој вид на вежбање ги подобрува когнитивните вештини и менталната сила и е многу корисен и забавен за деца/луѓе со интелектуална или физичка попреченост“, соопштуваат организаторите.
Настанот не е ограничен единствено на лица со попреченост, бидејќи, велат тие, нивната цел и мотив е комплетно вклучување на сите заинтересирани во овие спортски активности.
„Настанот е од отворен тип и не е потребна претходна најава за присуство“, се вели во најавата.
Инаку, „Без Ограничувања и Аероклубот во повеќе наврати имаат настани и иницијативи за лицата со попреченост, како би им се овозможило нивно активирање, спортување, зголемување на самодовербата и вклучување во секојдневниот живот. Оттука, беа организирани и обуки за скијање за лица со попреченост, но и летања на беспилотни летала.