Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице кое се товари дека во периодот кога Зоран Заев беше премиер на државата, на Фејсбук повеќепати упатило закани и повикало на негова ликвидација.
Лицето се товари за сторено продолжено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот во периодот од 23.07.2019 година до 24.07.2019 година во повеќе наврати извршил временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. Тој е обвинет дека преку информатички систем, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, објавил повеќе закани дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Заканите биле упатени кон Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, при што во објавените коментари обвинетиот повикувал на физичка ликвидација на оштетениот и ја загрозил неговата сигурност“, соопштија од ОЈО Скопје.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.