Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) соопштија дека е поднесен обвинителен акт против физичко лице и обвинителен предлог против приватната Клиника „Жан Митрев“ за продолжено кривично дело измама.
„Јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид-19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари“, велат од ОЈО.
Од таму дополнуваат дека обвинетиот на пациентите, а воедно и во јавноста, прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.
Според образложението од ОЈО, методот на хемофилтрацијата кај пациенти заболени од Ковид-19 не смеел да се промовира, како и да се прикрива фактот дека тој метод не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во Северна Македонија, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена.
Исто така, според ОЈО, средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Ковид-19.
„На овој начин обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди“, велат од ОЈО.
Од Кликниката „Жан Митрев“ по информациите за обвинението јавно реагираа дека неоснованите напади ќе мора да се докажат на суд, додавајќи дека тоа е отежнат процес бидејќи, според нив, ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите.
„Клиниката и во најтешките периоди работеше според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лечење, кај нас и во светот. Со ова ќе ја докажеме вистината и фактичката состојба, за нашата работа дека се што беше направено во Клиниката „Жан Митрев“, беше направено за пациентите и според дозволени методи и стандарди на лекување“, велат од Клиниката.
Пропустите во работењето на Клиниката „Жан Митрев“ беше тема која ја обелоденија новинарите на ИРЛ во документарната емисија „Нечиста крв“, која се емитуваше во јули минатата година. Во истражувањето беа опфатени сведоштва на семејства на пациенти дека Клиниката криела податоци за интрахоспитални бактериски инфекции кај пациентите, како и тоа дека ја користеле хемофилтрацијата на крвта како метод за лекување на Ковид-19 во клинички испитувања, за кои ниту ги информирале семејствата на пациентите, ниту пак имале дозвола за такви испитувања од надлежните институции.