Обвинителството отвори предистражна постапка за Клиниката за онкологија

Припадници на Министерството за внатрешни работи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство вчера извршиле претрес на Клиниката за онкологија и на уште две локации во приватни станови во Скопје.

„Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење. Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, соопштија од Обвинителството.

Предистражната постапка на Обвинителството следи по серијата написи на неделникот „Фокус“ и „Слободен печат“ кои објавија дека онколошката терапија наменета за пациенти се препродавала на црниот пазар.

Според изворите на „Фокус“ во системот се внесувале и блиски роднини на екс менаџментот на клиниката, кои не се болни од карцином, но лековите што се наменети за нив, се препродавале. Исто така, на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, односно, според неофицијалните информации, на Косово.

„Слободен печат“ пред неколку месеци објави текст за случај со пациенти кои починале во 2014 година, а во 2022 година сѐ уште се воделе како активни во електронскиот систем.

Во меѓувреме, министерот за здравство, Фатмир Меџити изрази поддршка за акцијата на обвинителството и на полицијата.

„Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“, рече тој.