Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје соопшти дека поднеле обвинение против две лица на возраст од 32 и 21 година во врска со случајот „Јавна соба“, кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.
„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, стои во соопштението на ОЈО.
Од Обвинителството потенцираат и дека за обвинетите побарале продолжение на мерката притвор поради опасност од нивно бегство и можност за влијание врз сведоците и оштетените и прикривање на трагите од стореното дело, како и повторување на кривичното дело.
Од оваа институција истовремено додаваат дека предметот „Јавна соба 2“ и понатаму е во фаза на предистражна постапка.
„Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.01.2021 година се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа Телеграм не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство. До овој момент не е пристигнат одговор на ова барање“, посочуваат од ОЈО.
Покрај ова, за овој случај отворени се предмети во повеќе други обвинителства. Во ОЈО – Велес отворена е истрага против едно лице за кривично дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија“, бидејќи при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени биле видео записи со детска порнографија. Истраги се отворени и во обвинителствата во Битола, Кавадарци и Прилеп.
Случајот „Јавна соба“ стана познат во јавноста минатата година. Стануваше збор за разоткривање на групи на социјалната мрежа Телеграм каде биле споделувани лични информации и фотографии од девојки и жени. Случајот повторно се актуелизираше во јануари, оваа година, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите, преку видеоснимка и се обрати на јавноста.
За овој случај активистите организираа неколку протести и герила акции со цел да се алармира за проблемот и да се побараат казни за организаторите на групите од ваков тип.
[Подкаст] Мегафон: „Јавна соба“ – за Осми Март солидарност со жртвите, а не насилниците