Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година кој денеска беше доставен до Собранието, пишува новинската агенција Мета.
„Овој број претставува само просек и приливот и обемот на работа во одредени обвинителства е значително поголем“, се вели во Годишниот извештај.
Предвидениот број на јавни обвинители, според извештајот, изнесува вкупно 261. Во 2023 година пополнети биле вкупно 179 места, односно едвај 68,6% од предвидениот број. Недостасува повеќе од една третина од потребниот број јавни обвинители.
Во исто време, во текот на 2023 година, осуммина обвинители заминале во пензија, а уште еден побарал да му престане функцијата додека против него трае дисциплинска постапка. Минатата година, исто така, му истече мандатот и на главниот Јавен обвинител Љубомир Јовевски, а на негово место дојде Љупчо Коцевски.
Сепак, обвинителството успеало да ангажира 14 нови обвинители, со што вкупниот број во однос на 2022 година се зголемил за 5.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во својата анализа на капацитетите на јавното обвинителство, имајќи го предвид стапување во сила на Законот за кривична постапка и улога на јавниот обвинител во кривична постапка, со кои се предвидува проширување на надлежностите на јавниот обвинител во постапката, утврди дека е потребно зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства со јавни обвинители, јавнообвинителска стручна служба и технички персонал“, стои во извештајот.
Во сите обвинителства работат само шест информатичари
Освен тоа, се потенцира и недостатокот од кадар од областа на информатичко-комуникациските технологии. Не само што е мал бројот на ИТ кадар, туку и не постои интерс за нивните огласи за вработување на нови луѓе на овие позиции.
„Ова дотолку повеќе што постојано се појавуваат потреби за вклучување нови софтверски решенија и сложени системи кои треба да овозможат електронско управување со предметите и меѓуинституционална интероперабилност“, пишува во извештајот.
Таму се додава оти на ниво на сите јавни обвинителства во 2023 година биле пополнети вкупно само 6 работни места за ИТ кадар, што ни оддалеку не ги задоволува потребите на јавните обвинителства за ваков кадар кој е неопходен и за одржување на системот за електронско управување со предметите, но и за непречено функционирање на опремата во истражните центри.
„Дополнителен проблем претставува слабиот интерес за аплицирање за овие позиции на објавените огласи за вработување во јавните обвинителства“, се вели во извештајот.
Забележителен е проблемот од недостиг на администрација бидејќи еден вработен истовремено работи задачи и на уписничар, сметководител, записничар и доставувач.
„Ова од друга страна носи со себе голем број на ризици во однос на ефективното и ефикасното извршување на работните задачи. Тука посебно треба да се нагласи и континуираната потреба од редовни обуки за усовршување и развој на дополнителни вештини кај постоечките човечки ресурси“, стои во извештајот.
Одобрениот буџет за 2023 година за обвинителствата изнесувал околу половина од она што било побарано, а севкупно претставува 0,2 отсто од државниот буџет.
„Потребните финаниски средства е неопходно да се обезбедат за да не се доведе во прашање извршувањето на функцијата и со цел да се овозможи непречена работа на обвинителствата. Во услови на континуиран раст на трошоците по сите основи, од комунални услуги до трошоци поврзани со вештачења и директна примена на Законот за кривична постапка, Буџетот на Јавното обвинителство не ги алиментира овие потреби. Министерството за финансии треба да ги напушти механизмите на контрола на веќе одобрениот буџет и за трошењето на средствата да одлучува и да одговара јавното обвинителство“, стои во извештајот.
Ребалансот на буџетот уште повеќе ја загрозува работата на обвинителствата
Со новиот ребаланс на буџетот за оваа 2024 година, парите предвидени за правосудството, вклучувајќи и обвинителствата драстично се намалува.
Јавниот обвинител Коцевски, обраќајќи се пред Комисијата за финансирање и буџет посочи дека кратењето на буџетот кој и така претставува само половина од законски предвидените средства, уште повеќе ја загрозува работата на обвинителствата.
Особено што дел од кратењата (80.000 евра) се токму во делот за тековно одржување на системите, вклучително и хардверскиот и софтверскиот систем и објектите на обвинителствата.
Според Годишниот извештај, во текот на 2023 година, бројот на кривични пријави до основните обвинителства бил понизок, но тоа главно се должи на повеќемесечниот штрајк на јавнообвинителската администрација, кога се примаа само итни пријави.
Лани основните јавни обвинителства во државава постапувале против вкупно 36.227 сторители на кривични дела, од кои новопримени биле пријави против вкупно 23.726 сторители на кривични дела.
Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пак, бројот на пријавени полнолетни сторители во 2023 година е зголемен за 21,5% во однос на 2022 година.