„Очајни за промени“ – студентите на Филолошки избираа свои претставници

Денеска се одржаа студентски избори и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, на кои се гласаше за претседател и членови на Факултетското собрание. Право на глас имаа студентите од сите години, вклучувајќи ги и оние од мастер и докторските студии.

„До сега, до 11:35ч, излезени се 87 гласачи. Немаше никаков проблем, освен некои студенти што доаѓаа со студентска легитимација, па ги враќавме бидејќи не можат да го остварат своето право без индекс. Од прва, втора и трета година се избираат по 6 члена, од четврта се избираат 4 и по еден член од магистерски и докторски студии“– истакна професорката Мира Беќар, која е дел од изборната комисија.

Радио МОФ поразговара и со студентите околу нивните очекувањата од новите студентски претставнички тела.

„Можам да кажам дека сум многу задоволна од одлуката за повторно активирање на Студентското собрание на Филолошкиот факултет. Очајно ни е потребно студентскиот глас да биде слушнат и да се преземат мерки. Се надевам дека новиот претседател и сите претставници ќе бидат достојни и ќе се борат за нашите студентски права. Воведувањето на правилото за земање потписи со 90% присуство влијае многу негативно на секој студент, посебно на студентите кои не живеат во Скопје. Ускратена ни е слободата да избираме на кој начин ќе се едуцираме во образовната институција која што законски не е ни задолжителна. Јас и моите колеги на Филолошки очекуваме промена“, ни изјави студентката Муфтарова. М.

 

Изборите траеја од 9 до 15 часот. Од изборната комисија велат дека им е навистина драго што ова конечно се случува.