Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска соопшти дека дневна евтина тарифа на струјата ќе стартува од 1 декември годинава.
Оттука, истовремено истакнаа и дека електродистрибуција има рок од четири месеци да ги усогласи сите 700 илјади броила за домаќинствата.
„Евтината дневна тарифа ќе им биде достапна на сите домаќинства од 1 декември во периодот од 13 часот до 15 часот. Водејќи се од принципот на заштита на потрошувачите, а согласно направените анализи кои укажуваат дека декември е месецот кога се зголемува потрошувачката на електрична енергија, ја задолживме Електродистрибуција во овој рок да ги усогласи сите броила. Четири месеци се доволни за да се направат сите технички усогласувања со системот за пресметка и фактурирање и соодветниот софтвер“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Дополнително, Бислимоски посочи дека донесените цени по блокови за периодот на висока дневна тарифа се намалување од 7.04% за прв блок, 4.09% намалување за втор блок, 2.54% зголемување за трет блок и 2.24% зголемување за четвртиот блок.
„Домаќинствата со просечна потрошувачка ќе плаќаат пониска цена за енергија и мрежарина за 4,26 %, а од декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следи линеарно намалување за 5 % на сметките“, вели Бислимоски.
Дневната ефтина тарифа претходно беше укината на 1 јануари 2022 година. Инаку, евтина тарифа за струја има и од 22 до 7 часот.