Со цел спречување на ширењето на Ковид-19, Владата на денешната седница донесе повеќе мерки, меѓу кои и од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку со прва доза при влез во објекти, вклучително и угостителски, каде има повеќе од 30 лица, за било какви настани.
Ваквата мерка се однесува само за лицата над 18 години.
„До 15 август, сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на КОВИД-19 мерките, со исполнетост до 40% од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила. За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи“, се дел од мерките.
Од 16 август исто така целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти и кафетериите, вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.
Ваквите мерки на Владата доаѓаат во период кога деновиве во земјава се соочува со зголемен број на новозаразени.
Инаку, Министерството за здравство утрово соопшти дека до Владата ќе предложат сет мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, но само за Тетово и Тетовскиот регион.