Полицискиот час, односно забраната за движење која траеше од полноќ до 4 часот наутро, од вечерва на полноќ се укинува, одлучи Владата на Република Северна Македонија на денешната 79-та седница, на предлог на Комисијата за заразни болести.
Од утре, се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во објекти за сместување, како хотели, мотели, хостели, пансиони и друго, како и на бензинските станици, казината и обложувалниците. Истовремено пак, од Владата истакнуваат дека се дозволува работа само на отворените делови, односно терасите од угостителските објекти, освен служењето пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите.
„Владата донесе заклучок да се дозволи одржување на настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители. Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од утре е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега“, стои во владиното соопштение.
Во меѓувреме, на седницата е донесен и заклучок за престанок на важење на обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.
„Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби“, додаваат оттаму.
Од Министерството за здравство, претходно посочија дека епидемиолошката состојба е стабилна и дека го дозволува донесувањето на овие мерки. Моментално, во земјава има вкупно 420 активни случаи на Ковид-19.
Вкупната бројка пак, на дијагностицирани со Ковид-19 од почетокот на епидемијата изнесува 155.568 лица, бројката на оздравени е 149.676 лица, додека починале вкупно 5.472 лица.