„Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ е насловена изложбата која преку фотографија ги раскажува убавината и разновидноста на Италија, нејзините пејзажи, нејзината креативност и нејзиниот народ.
Во неа се прикажани историја од век и половина преточена во антологија од кадри, со цел да се создаде идеална галерија на портрети и спомени, што ќе посведочат за богатството на земјата и во исто време за извонредната виталност на италијанската фотографија.
Изложбата ќе биде отворена вечерва со почеток во 19 часот во Чифте амам.
„Избор на дела кој не претендира да ја сумира во целост комплексноста на италијанската фотографија, но сепак се поставува како предизвик и алатка за истражување на естетскиот израз и јазик на фотографите што твореле во период од над 160 години, вклучувајќи дела кои произлегуваат од ателје, пикторијализам, концептуализам, новинарство и уметничко истражување. Патување кое започнува од браќата Алинари и од обемниот свет кој се формирал околу нив преку збирките и архивите, односно „Многуверзумот на глетките“, како што ќе го нарече Марио Креши – тука застапен со едно ново концептуално дело – патување кое ќе не одведе до големите мајстори на фотографијата од дваесеттиот век и до најсовремените експериментирања. Исходот од ова патување може да се доживее и како кратко резиме на историјата на фотографските техники, почнувајќи од калотипот па сѐ до виртуелната фотографија во игрите“, стои во најавата за изложбата.
Таа е поделена во три дела – Пејзажи, Дела и Ликови – од кои секој претставува идеален географски, историски и уметнички процес кој преку повеќеслојна разновидност на теми ги доловува промените на една земја во постојана еволуција.