Министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со медиумите изјави дека нè очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план, која вели дека не зависи само од Северна Македонија или од земјите од регионот, туку од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина.
Според него, рестрикции на електрична енергија не се очекуваат дури и доколку имаме забрана за увоз на електрична енергија и гас во земјава.
„Во август повторно ќе побараме прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор се со цел да имаме можност преку дополнителни мерки да интервенираме во зголемување на производството на електрична енергија од домашни капацитети“, најави министерот Бектеши
„Работиме на обезбедување на алтернативни начини за снабдување со енергенси, доколку имаме целосна забрана за увоз на гас за да може да работат и топланите и индустриските капацитети. Во делот на алтернативни извори согласно Законот е предвидено и да може да се префрлат на друг енерегенс односно на мазут“, рече Бектеши.
Дополнително, во однос на снабдувањето со гас за претстојната грејна сезона, Бектеши посочи дека се прават напори за да има алтернативни извори за снабдување, со оглед на тоа што, како што додаде, Северна Македонија е целосно зависна од руски гас.
„Доколку успееме во соработка со Булгаргастранс да ослободиме дел од капацитетите од гасоводот кој што го имаме со Бугарија којшто е целосно закупен од Гаспром, тогаш ќе може во услови доколку Русија ни ги стопре испораките на гас, да се снабдуваме со гас од Азербејџан или Турција“, рече Бектеши.
Во меѓувреме, министерот за економија информираше дека од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) вчера се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија доколку има недостаток и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на електрична енергија.
„Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино, а во моментов треба да ги сочуваме хидроенергетските капацитети за да имаме електрична енергија за зимскиот период“, појасни министерот Бектеши.
Министерството за финансии пак, подготвува нов пакет антикризни мерки кои би започнале да се применуваат во септември и ќе важат до крајот на годината, а кои ќе бидат наменети за најранливите категории на граѓани, информираше Бектеши.
Во ноември минатата година Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.
Владата прогласи 30-дневна енергетска кризна состојба – не се предвидени рестриктивни мерки