Со собир пред Владата на Северна Македонија денеска напладне компаниите кои се занимаваат со организација на настани најавуваат дека започнуваат серија на протести поради незадоволството од владините мерки за помош на нивната индустрија.
Од Асоцијацијата на ивент индустријата најавуваат дека протестите ќе се организираат секој ден од 12 до 15 часот до постигнување на заемно прифатливо и одржливо решение. Тие велат дека нивниот сектор во 2020 година бил еден од најпогодените од пандемијата и со пад на прометот од 62% се наоѓаат пред колапс.
„Јавноста знае дека оваа дејност е затворена повеќе од 1 година и сите сме сведоци дека нема јавни настани, концерти, и други случувања каде има масовно собирање. Ниту пак, со оглед на состојбата со пандемијата, имаме надеж дека наскоро ќе можеме да работиме. Но, исто така јавноста треба да знае дека овие компании добија нула денари помош од државата. И покрај сите наши барања, дописи, молби за помош, Владата остана глува а ние невидливи во сопствената држава“, велат од Асоцијацијата.
Од оваа индустрија го отфрлаат последниот предлог на властите за организација на настани на кои ќе можат да се пријават компании од овој сектор, за кој сметаат дека е селективен и нефер, а од Асоцијацијата најавија дека нивните барања ќе ги повторат на денешниот протест.
„Компаниите во ивент индустријата немаат проблем со својот креативен капацитет, туку со неможноста да работат. Имаат проблем бидејќи не е возможно да се направи настан заради бројот на заболени и бројот на секојдневно починати, заради немањето на вакцини и најнизок процент на имунизација во регионот, заради препораките што секојдневно ги слушаме да не се групираме и да избегнуваме места каде што има поголеми групи на луѓе. Настаните се колективна енергија, настаните се искуство и ние точно знаеме што тоа значи. Ние немаме проблем да креираме содржини, туку истите да ги спроведеме во овие услови и притоа тоа да биде финансиски одржливо“, велат од Асоцијацијата.