Од денеска задолжително носење заштитна опрема за покривање нос и уста

За заштита од коронавирусот на населението од денес за сите граѓани започнува да важи уредбата на Владата за носење на лична заштитна опрема за носот и устата и која може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично.

Како што појаснуваат од Министерството за здравство, физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот. Задолжително е носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метри помеѓу граѓаните како што се пазари,отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично.

За личната и колективна заштита може да се користи маска или прекривка на устата и на носот кои целосно ги покриваат устата и носот. Носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата не е задолжително при престој во домот, во сопствен двор или тераса, при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метри.

Носењето на на заштитна опрема за покривање на носот и устата мора да биде проследено со зголемена хигиена на раце и граѓаните мора да се многу внимателни како се става, а како се вади прекривката како се манипулира заради тоа што и нечисти раце во надворешна средина при манипулацијата може да предизвикаат инфекција. Важно е редовно да се одржува хигиена на прекривката на носот и устата, односно да се пере и пегла прекривката за повеќекратна употреба по секое носење, а маските за еднократна употреба да се отстрануваат правилно во затворени кеси во отпад.