Од денеска започнува вакцинацијата против сезонски грип

Околу 33.000 граѓани изразиле интерес да примат вакцина против сезонски грип, преку онлајн пријава на vakcinacija.mk. Министерството за здравство набави вкупно 70.000 вакцини, а вакцинацијата започнува од денеска, пишува новинската агенција Мета.

Вакцинацијата против сезонскиот грип е незадолжителна. Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи.

Со пополнување на онлајн пријавата, заинтересираните се регистрираат за вакцинација директно во системот Мој Термин. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, по смс добиваат информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.

Во Скопје, вакцинацијата ќе се одвива во Центарот за јавно здравје и неколку поликлиники. За граѓаните кои не се дел од ризичните групи, во Центрите за јавно здравје се достапни и комерцијални вакцини.

Мета.мк