Од еден до 85 милиони евра би чинело решавањето на проблемот со токсичниот линдан во Пеленица, покрај Драчево. Единствената депонија со овој пестицид, која е лоцирана надвор од дворот на ОХИС, може да се третира на три различни начини, од кои само најскапиот би значел целосно ископување и уништување на линданот, по примерот на чистењето на малата депонија, пишува новинската агенција Мета.мк.
Министерството за животна средина пред повеќе од две години спроведе испитувања кои покажаа дека во Пеленица е депонирана голема количина од околу 40.000 тони високо концентриран HCH отпад, 6.500 отпад од фабрика за стакло, контаминиран со HCH и дополнителни 16.700 отпад од производство на стакло. Од Министерството велат дека во наредниот период ќе се реализираат и дополнителни испитувања за да се изработи анализа на ризикот и да се идентификува степенот на влијанието врз здравјето и животна средина на оваа депонија.
Освен целосното чистење, потенцијални решенија за Пеленица се и покривањето за да се спречи продор на дождовни води во отпадот или ископување, инсталирање на подлога на дното и покривање на локацијата, кои предвидуваат линданот да биде изолиран и заштитен, но и да остане на локацијата. Според пресметките, проценетите трошоци за првата опција би биле околу еден милион евра, за втората околу 18 милиони евра, додека за најскапата околу 85 милиони евра.
„Минималната опција значи спречување на миграцијата на загадувачите во и надвор од локацијата, што се постигнува со покривање на локацијата вклучувајќи го и насипот за да се спречи директен контакт и инфилтрација на дождовните води. Средната опција предвидува ископување на целокупниот отпад, инсталирање на подлога на дното и покривање на локацијата, додека максималната опција ги елиминира сите еколошки ризици со ископување на целата депонија вклучувајќи го и насипот и уништување на опасниот отпад“, информираат од Министерството.
Од таму за оваа година не најавуваат конкретни активности врзани за Пеленица, со оглед на тоа дека во Мултипартнерскиот фонд, формиран од Владата за да се мобилизираат средства од повеќе извори за решавање на историскиот отпад на ОХИС, засега се собираат пари за довршување на чистењето на малата депонија.
Неодамна, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најавија реконструкција на локалниот пат Драчево-Пеленица, кој минува во непосредна близина на депонијата. Делницата е долга околу 3,3 километри, а ќе има ширина од шест метри и од едната страна ќе биде направен и тротоар. Од Министерството велат дека не се известени за намерата на локалните власти, но посочуваат и дека за секоја активност, што се спроведува, а има влијание врз животната средина, мора да се добијат соодветни дозволи.
Градоначалникот Ѓорѓиевски, пак, вели дека реконструкцијата и проширувањето на патот нема да се изведуваат во близина на депонијата.
„Проширувањето и пешачката зона ќе се направат од спротивната страна, што значи дека нема да има никаква опасност ниту додека траат градежните работи, ниту подоцна. Секако, како градоначалник и како жител на општината, сметам дека би било најдобро што побрзо да се најде решение за депонијата, да се исчисти и да нема никаква опасност за било кој од посетителите на овој локалитет“, вели Ѓорѓиевски.