Од следната недела Министерството за економија ќе предложи до Владата ново замрзнување на цените на прехранбените производи, додека ќе се воведе и забрана за акциски продажби во маркетите, најави министерот Крешник Бектеши.
Тој додаде и дека замрзнувањето на цените ќе биде со најмалку 10% намалување на цените на сите прехранбени производи, посочувајќи дека овие мерки имаат цел да го заштитат стандардот на граѓаните.
„Сите анализи покажуваат дека нема основ за зголемување на цените на основните прехранбени производи, и од страна на трговците и од страна на производителите, имајќи го во предвид намалувањето на цените на основните прехранбени производи на светските берзи, кои имаат голема разлика од цените што моментално се во нашата држава, вклучувајќи ги увозните цени и цените на суровини кога се прави споредба со она што било претходната година. Да, имаме намалување на инфлацијата споредбено со претходните месеци, но според нашите анализи има уште повеќе простор да се намалат овие цени. Сите завршни сметки, посебно на големите ланци на супермаркети, покажуваат дека тие немаат намалување на приходите, туку напротив имаат зголемување на приходите претходната година – година која беше најтешка година во делот на цените. Затоа Министерството за економија денеска до Владата достави предлог за забрана на нудење на акциска и промотивна продажба од страна на сите ланци на трговци до 30-ти ноември“, рече Бектеши.
„Можеби ова изгледа како чудна одлука и дека на граѓаните ќе им се скрати одредено намалување, но не е така. Следната недела ќе следи одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија. Оваа одлука се носи, затоа што е приметено дека одредени ланци на супермаркети прават измама со можностите да направат акциска продажба, намалување или одредени кампањи. За да биде начисто и за потрошувачите и за граѓаните, оваа можност до 30 ноември нема да постои. И ќе се знае точно која е цената на одреден производ, а не да се калкулира дневно и неделно со тие цени и потрошувачите да се доведат во заблуда“, додаде тој.
Министерот напомена дека денеска ќе има средба со претставници на повеќе ланци на македонски супермаркети на кој ќе им биде пренесен ставот на Министерството.
„Министерството за економија нема да дозволи да се профитира на грбот на граѓаните во вакви кризни времиња. Кога има можност да се направат и профити и зголемување на приходи, а целиот цех да биде на товар на граѓаните. Тоа нема да се случи и мерките ќе важат до 30 ноември, со можност за продолжување и дополнително на тоа измени на Законот за државен пазарен инспекторат и нов закон за нефер трговски практики“, рече Бектеши.
Тој напомена и дека со Државниот пазарен инспекторат ќе работат со засилени контроли во следниот период.