Од инбокс, на плоштад – во Гостивар изложени вознемирувачки пораки што ги добиваат девојки

На плоштадот во Гостивар вчера беа поставени најчестите вознемирувачки пораки кои секојдневно ги добиваат младите девојки.

Овие пораки беа дел од изложбата „Од инбокс, на плоштад“ во склоп на кампањата „Видено“ („Seen“) на Центарот за еднакви можности „Буба мара“.

„Развојот на технологијата значително го зголеми сексуалното вознемирување кое се случува на интернет, поради што многу девојки секојдневно се соочуваат со несакани пораки и содржини на нивните профили. Целта на оваа изложба беше поблиску да се информираат граѓаните за оваа појава, да се подигне нивната свест и овие случаи да не поминат во тишина туку да бидат пријавени“, велат од центарот.

Прикажаните пораки се вистински пораки кои младите девојки ги испратиле до „Буба мара“.

Оваа активност се реализираше во рамките на проектот #МладиГрадови, кој го спроведува Институтот за стратешки дијалог – ИСД во соработка со Демократија Лаб и Центар за млади и заедница – Гостивар.