Млади девојки со (а)типичен развој веќе подолго време посетуваат работилници за изработка на накит, стремејќи кон финансиска независност.
Под менторство на Каја Милошевска и Стојан Андонов, во Центарот за окупациона терапија „Крикни“, околу 10 млади девојки со и без попреченост, се дел од бесплатните работилници, на кои секој може да се приклучи и да ја развие својата креативност.
„Самиот збор финансиска независност е доста примамлив особено за лицата со попреченост или оние кои моментално не се во работен однос. Со овој проект сакаме да изградиме и овозможиме еден вид на финансиска независност кај овие лица, со што сакаме да го издигнеме на повисоко ниво во иднина каде што би се вклучиле многу други креативни млади“, посочува за Радио МОФ, менторката Каја Милошевска.
Таа истакнува дека девојките преку накитот ја истакнуваат нивната креативност и умешност, заљубени се во нижењето и во изработката на накитот.
Милошевска нагласува дека преку серијалот работилници за изработка на млади се цели кон поддржување и поттикнување на младите девојки и жени кон поголема активност во општеството, креирање поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.
„Целта на активностите во овој проект е поттикнување финансиска независност на млади девојки со и без попреченост, преку јакнење на нивните вештини и вклучување на пазарот на трудот. Во самиот центар се имплементира работилница за накит во која учествуваат и ја сакаат сите корисници. Според тоа одлучивме преку тие работилници да направиме еден вид на финансиска независност“, вели Милошевска.
Во земјава, занаетчиството сѐ повеќе и повеќе згаснува. Но истовремено, занаетчиството како сектор, се чини дека е отворена врата кон финансиската независност за лицата со атипичен развој, особено кога станува збор за рачната изработка. Токму еден таков светол пример е и македонската дизајнерка Елизабета Петковска, која со своите ракотворби ја заинтригира јавноста.
Милошевска се надоврзува дека занаетчиството во Македонија, како сектор е во опаѓање и нема голема заинтересираност од младите преку занаетчиството да го искористат својот потенцијал.
„Но, можеби сега е шансата да се подигне таа гранка и да се продолжи традицијата на занаетчии, со што и лицата со попреченост ќе имаат можност да ја истакнат креативната страна како на пример со изработката на накит“, вели Милошевска.
Таа посочува дека голем дел од работодавците се скептични во однос на вработување на лица со попреченост.
„Мал е бројот на вработени лица со попреченост. Сметаме дека секој еден од нив има свои квалитети и вештини во различни полиња и треба да им се даде поголема можност за пласирање на пазарот на трудот. Со препознавање на нивните капацитети и квалитети треба да се даде можност и прилика за работни позиции каде што ќе се истакнат нивните вештини. Овие работилници се доста од голема важност кај таквите лица бидејќи се стекнуваат со точност, самогрижа, координација и организација со што јавноста треба да ги пласира и мотивира останатите да се одлучат на таков чекор“, истакнува менторката, дополнувајќи дека потребни се повеќе работилници, организации и работни позиции за лицата со попреченост.
Работилниците за изработка на накит се дел од проектот „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во С. Македонија”, спроведен од страна на НМСМ и Stella Network.
Ивана Смилевска