Јуни, месец на липите. Месец на нивниот опоен мирис, кој се шири насекаде и не може да не се почуствува неговата миризба. Така некако со опојни квалитети ќе се одвива кино програмата во првиот месец на летото во Кинотеката, која како секое лето се сели на отворено во летното кино „Мирно лето“, велат од Кинотеката на Македонија.
Од таму посочуваат дека во програмскиот центар се пробија неколку содржини. Проекции на филмови со музички сензибилитет, веќе редовниот Филозофски филмски фестивал, ревија на португалскиот филм претежно од седумдесеттите години на минатиот век, како и јубилејни проекции по повод стогодишнината од раѓањето на легендарниот и ненадминат американски актер Марлон Брандо.
Програмскиот караван започнува со уште една проекција на македонскиот филм „Лена и Владимир“, по сценарио на Александар Русјаков, а во режија на Игор Алексов.
Она што особено ќе го привлече вниманието на кино-сладокусците се премиерните проекции на новиот филм на Софија Копола, биографскиот „Присила“. За филмот, велат тие, базиран на мемоарите на Присила Присли – „Елвис и јас“, се нурнува длабоко во комплексноста на нивната врска, претставувајќи наратив што е и интимен и рефлективен.
„Со посебно задоволство најавуваме оти филмофилите ќе можат да ги видат уште еднаш, но овојпат на големото платно, музичките и рекламните спотови на нашиот – а светски квалитетен – филмски автор Милчо Манчевски. Музичките спотови на Манчевски не се само визуелно импресивни, туку и симболично богати. Тој успева да раскаже сложени приказни во краток временски формат, користејќи симболи и метафори кои ги прошируваат значењата на песните. Неговите спотови често ги истражуваат темите на љубовта, загубата, надежта и човечката природа, нудејќи длабоки емоционални искуства за гледачите. Со иновативни визуелни решенија, богата симболика и внимателна монтажа, Манчевски создава спотови што остануваат во меморијата на гледачите долго по завршувањето на песната. Токму затоа овие кратки форми се здобија со повеќе награди кај нас и во светот“, посочуваат од Кинотека.
Концептуално, се продолжува со филмот „Д Хип – Браинсторм“, во режија на нашиот познат музички документарист и филмски критичар Јане Алтипармаков.
„Ова ќе биде всушност круна на 30-годишнината од издавањето на култната музичка касета креирана од кумановските алтернативци Д Хип. Долгометражниот музичко филмски проект е почестен со специјалната награда за музички филм од иницијативата МАН – Македонски Алтернативни Награди“, соопштуваат од Кинотека.
На ред е речиси тотален пресврт, но не сметано на квалитет туку, велат тие, на содржина и сензибилитет. Станува збор за годинашново издание на „Филозофскиот филмски фестивал“.
„Овој фестивал ќе го карактеризираат и филмовите во коишто, малку е да се рече главен лик, доминира филмската актерска легенда Марлон Брандо. Неговото специфично, артистичко умеење ќе ги зашемети гледачите. Филмовите се по повод стогодишнината од раѓањето на великанот Брандо, и се проектираат во оригинален, 35 мм формат“, најавуваат од Кинотеа.
Во дигитален формат е понудата на неколку филмови од португалската кинематографија. Станува збор за ремастерирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби.
„Ова е несекојдневна прилика да се видат вакви филмови, што бездруго ѝ е потребно на нашата кино публика. Потребно е да се проследат и делата на кинематографиите кои не ни се многу познати, како што е словачката“, велат од Кинотека.
На самиот крај на првенецот на летото, месецот јуни, повторно музички креации во филмско пакување. Тие се во рамките на овогодинешното издание на фестивалот „Скопје Синема Сити“.
„Така, во месецот на липите, Кинотека ги спои разните форми на филмови со неибришлив квалитет, кои ќе бидат посакани пак да бидат видени. Тоа е нормално, добра клима, опоен мирис, опојни дела и овој јуни ќе биде раскажуван, не само меѓу љубителите на филмот“, се вели во соопштението.
Целосната програма за јуни може да се види ТУКА.