Од маргините до фокусот – за младите и нивните потреби

Како едно прашање да стигне во фокусот на јавноста, кои се младинските проблеми, преку какви иницијативи може да се дојде до нивно решавање. Ова беа само дел од темите за кои се разговараше на синоќешната панел дискусијаОд маргините до фокусот: Младите и нивните потреби“, организирана во рамките на Летната МОФ академија.

Од маргините до фокусот - за младите и нивните потреби

Преку искуствата на повеќе активисти и претставници на младински здруженија, присутните имаа можност да слушнат како се создаваа и развија повеќе успешни иницијативи кои изминатиов период беа во фокусот на јавноста.

Наташа Ѓорѓиевска од студентското списание „Излез“ го објасни проектот „Креативна младинска акција“ како своевиден креативен протест против апатијата на младите.

„Младите се наоѓаат на маргините бидејќи не се вклучени во носењето на општествените одлуки, на младите им недостасува простор за искажување ставови и мислења, но кај нив недостасува критичко мислење и култура на реакција“, забележа Георгиевска која побара да бидат поактивни и сами да направат овие нешта да се променат.

Сите симпатии на публиката ги собра презентацијата на Александар Матовски – Цако кој говореше за проблемите на лицата со Даунов синдром во земјава, за важноста на семејната поддршка, но и за можностите на оваа се уште маргинализирана заедница.

„Јас сум поет, пишувам песни, ја водам емисијата на Радио МОФ , вежбам карате, танц, сакам да фотографирам и секогаш сум активист и борец за човекови права. И ние сме луѓе, како сите нас што сме тука“, истакна Цако, по што беше поздравен со силен аплауз од публиката.

IMG_1159

Кристина Митрова од МОФ појасни како функционира Советодавниот сервис за права на млади и ги охрабри младите да поставуваат прашања и да се информираат за своите права. За активистот Никола Писарев пак, симптоматично е тоа што кај нас  фокусот е ставен на пензионерите, наместо на младите.

„Вие сте млади луѓе, ќе ги симнете пензионерите од фокусот кога вашите проблеми ќе ги покажете пред сите. Ако имате проблем, ама не го искомуницирате со јавноста и не се потрудите проблемот да излезе од вашата мала заедница, тогаш нема да се случи ништо“, посочи тој.

Антонио Михајлов од Субверзивниот фронт зборуваше за потребата од излегување од маргините на ЛГБТИ луѓето, а во текот на дискусијата беа споделени и искуствата од иницијативата „Операција студентски дом“ и кампањата за девојките и нивното сексуално-репродуктивно здравје претставена преку ликот на вагинологот Марија која забрзано се шири на социјалните мрежи.

Од маргините до фокусот - за младите и нивните потреби

„ Ние веруваме дека промените се можни и сакаме таа промена да ја адресираме до вас, младите. Има многу успешни иницијативи и приказни. Вие треба да бидете идните активисти и граѓани кои ќе ги повлечат промените во иднина“, заклучи Велимир Савески, проектен координатор на Х.Е.Р.А во своето обраќање кон слушателите.

МОФ Летната академија 2014 брои осумдесетина учесници на возраст од 16 до 22 години. Годинава таа се одржува во одмаралиштето Михајлово во Кавадарци, од 25 до 30 август.

Ј.Ј.