Од Министерството за транспорт молк за Предлог-правилникот за вело-инфраструктура

Здружението „Гоу грин“ пред месец дена изработи и јавно презентираше Предлог-правилник за велосипедска инфраструктура и Предлог-измени за Правилникот за урбанистичко планирање, каде би се вметнале прописите за проектирање, изведување и одржување на велосипедската мрежа. Но, од Министерството за транспорт и врски немаше присутни да ги слушнат предлозите, а молкот од таму уште трае.

Од ресорното Министерство една недела не одговараат на прашањата на Радио МОФ за тоа дали ги разгледале предлозите и каков е нивниот став за нивно усвојување. Уште ги немаат контактирано ниту во „Гоу Грин“, ни потврдија вчера оттаму.

Креирањето Предлог-правилник беше поттикнато од тоа што велосипедската мрежа во Македонија е долга 130 километри и се простира главно во Скопје, додека во некои од другите градови воопшто не постојат велосипедски патеки или се имровизирани. Ситуацијата не е сјајна ниту во Скопје, каде површината не е секаде во добра состојба или не е правена по стандардите.

Како што беше презентирано на конференцијата одржана на 29 октомври, предложените документи дефинираат дека на една вело-патека треба да можат да се разминат два велосипеди со приколка, како да се планира во зона на крстосница, автобуски стојалишта, коловозната конструкција и каков тип на материјали смеат да се користат на вело површини. Покрај тоа, во нив се дефинирани и деталите за површини за паркирање, нивни димензии, каде се поставуваат и каква треба да биде урбаната опрема за паркирање. Последното поглавје е посветено за одржување на вело-површините.

До денеска, должината на вело-мрежата изнесува 130 километри во скопскиот плански регион.

„Можеби звучи добро, ретко кој град може да се пофали дека има толку долга мрежа. Но, прашање е во каква состојба се овие патеки, ленти и дали се правени по стандарди. Кога ќе ги погледнеме вело-патеките во другите градови не станува збор за никаква мрежа, туку за некакви велосипедски површини што ги има на само одредени делови. Не претставуваат целина, не се функционални и во глобала се импровизирани“, посочи Кристина Ицковска, соработничка за транспортна инфраструктура при изготвување на правилниците.

Од друга страна, велосипедската структура во македонската регулатива се дефинира во член 162 во Правилникот за урбанистичко планирање. За овој правилник познавачите велат дека е напишан конфузно и недоволно јасно за тоа какви и колку широки треба да бидат вело-патеките. Текстот се простира на пола страна и во него е дефинирана само ширината на вело-ленти и патеки.

„Овие правилници во Европа ги има можеби 50 години, првиот е некаде крај на шеесети, почеток на седумдесети годиди. На Балканот се усвојуваат последните 10-15 години. Албанија, Косово и Македонија се единствени држави кои во моментов немаат никаква посебна регулатива каде би биле дефинирани правилата на планирање и проектирање вело инфраструктура. Во април годинава, се изгласа Европската декларација за велосипедизам чија цел е да ги направи градовите со поврзани, безбедни вело-мрежи, да овозможи удобно и ефикасно комбинирање со други видови на транспорт и да има безбедни паркинг места за велосипеди“, појасни Ицковска.

Барањето да се усвои Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура се најде и на листата што ќе биде упатена до надлежните преку протестен марш за чист воздух во Скопје најавен за 10 декември (вторник).

„Користењето на моторни возила секојдневно ја зголемува концентрацијата на штетни честички во воздухот, што директно влијае на нашето здравје. Затоа, потребно е веднаш да се усвои правилникот за планирање, проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура. Овој правилник ќе овозможи создавање на безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила. Така, ќе се намалат емисиите на СО2 и другите загадувачки материи, што ќе доведе до значително подобрување на квалитетот на воздухот. Секојдневната употреба на велосипеди, наместо автомобили, има директен ефект на намалување на загадувањето и бројот на заболувања поврзани со тоа“, се посочува во барањата за итно постапување.

Еко-активистите бараат Правилник за велосипедска инфраструктура за да може да се вози точак безбедно и по стандарди

Ангела Бошкоска