Деновиве од печат излезе книгата „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски.
„Во најновиот ракопис Ѕвездан Георгиевски ги истражува границите на романот како жанр на еден навидум парадоксален начин – однапред откажувајќи се од можноста да напише, односно да заврши еден роман. Ракописот е составен од шеснаесет почетоци, своевидни скици или идеи за роман, кои меѓусебно се поврзани само со тоа што се наоѓаат во истиот бележник за идеи на авторот. […] Авторот, на прв поглед, се задоволува само со каталогизација на наративните потенцијали, без да чувствува обврска да ги систематизира и да воведе ригиден ред во хаосот. Но, повнимателното читање ни покажува дека токму наводната ослободеност од обврската да се доведат приказните до крај доведува до необична, шармантна, непретенциозна и заводлива лежерност во раскажувачкиот тон“, пишува писателот Иван Шопов за книгата.
Ѕвездан Георгиевски е роден 1961 година во Јесенице, Република Словенија. Работел како новинар во повеќе редакции: „Нова Македонија“, „Пулс“, „Утрински весник“, „Глобус“. Еден е од основачите на „Канал 4“, првото приватно радио во Македонија. Основач е на наградата „Роман на годината“ што своевремено ја доделуваше „Утрински весник“, а сега ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Ги објавил книгите: „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ (роман, „Темплум“, 2016, второ издание „Темплум“, 2018), „Урбани топоними“ (есеи, „Темплум“ 2018), „Да не бидам покусо“ (раскази, „Просветно дело“, 2018) и „Плачеш како кит“ (Бегемот, 2023). Преведува од англиски и од јазиците на некогашните југословенски републики. Досега превел десетина книги. Уредил повеќе зборници, алманаси и списанија. Во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Книгата е во издание на издавачката куќата Бегемот, објавена со поддршка од Министерството за култура.