Од петок (25 март) започнува да важи одлуката за бесплатен јавен превоз за возрасни лица, односно за жени над 62 години и мажи над 64 години, и ќе важи во вторник, петок, сабота и недела.
Од ЈСП велат дека со ова олеснување на трошоците на граѓаните ќе бидат опфатени околу 80.000 корисници на јавниот превоз во Скопје кои ќе имаат право да го користат превозот бесплатно.
„Воведувањето на бесплатниот превоз за возрасни лица е во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие и средствата за оваа намена се обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Морам да напоменам дека освен што се ослободуваат возрасните лица во посочените денови од трошоци за автобуски превоз, бесплатен превоз веќе имаат и учениците средношколци во средните училишта чијшто основач е Град Скопје, редовните студенти на додипломски студии на државните универзитети во Скопје, како и лицата со попреченост“, истакна на денешната прес-конференција, в.д. директорот на ЈСП, Иван Илиевски.
Лицата кои сакаат да го користат бесплатниот превоз треба да поседуваат персонализирана електронска картичка „Скопска“ и при користење на јавниот превоз да се валидираат, но и да ја приложат картичката во случај на линиска контрола.
Персонализирањето на картичките пак, се врши во некои од седумте центри за персонализација на ЈСП Скопје.