Од почетокот на епидемијата со коронавирусот, заклучно со 22 август, во земјава вкупно е детектиран 351 случај на повторно заразување со вирусот, а само изминатата недела се забележани 54 лица кои повторно се заразиле, информира Министерството за здравство (МЗ).
Истовремено, тие соопштија дека во периодот од 6 до 26 август во земјава со Ковид-19 се заразиле 17.020 лица, односно 2.924 лица кои биле целосно вакцинирани.
„Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе три недели, 14.096 граѓани, односно дури 83% од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 89%, додека само 11% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата“, се додава во соопштението на МЗ.
Во период од три недели пак, во земјава починале 276 лица со Ковид-19, односно 246 пациенти кои не биле вакцинирани, додека само 30 лица имале примено вакцина.
„Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство“, додаваат од МЗ,
Оттаму повторно посочија дека секоја вакцина која ја има на располагање во земјава е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста, и како што додаваат, штити од смртен исход.